Најдобрите во минатото ќе добијат пригодни признанија

На 19 март ќе бидат објавени имињата на двајцата првоизбрани фудбалери

Англиската Премиер-лига ги објави плановите за отворање фудбалска куќа на славните, за оддавање признание на поранешните ѕвезди во ова натпреварување. Елитната лига на Англија, на пригодната церемонија, на 19 март, ќе ги објави имињата на двајцата првоизбрани за влез во куќата, кога ќе биде објавен и потесниот список на следните номинирани во класата 2020.

Засега не се споменуваат имиња за потенцијални први членови на куќата на славните, но во потесниот круг се Алан Ширер, најефикасниот со 260 гола, кој настапуваше за Блекбурн и за Њукасл, и Рајан Гигс од Манчестер јунајтед, кој е најтрофеен, со 13 шампионски титули. Секој член на куќата ќе добие персонализиран медалјон со врежана годината на приемот во неа.

Во соопштението на Премиер-лигата се вели дека куќата на славните „ќе ги препознае и ќе ги испочитува исклучителните умеења и талент на играчите што беа дел од ова натпреварување од основањето во 1992 година. Да се биде дел од куќата на славните во Премиер-лигата ќе биде највисокото индивидуално признание за играчите“.

Во куќата на славните ќе се примаат само пензионирани фудбалери, а при изборот предвид ќе се имаат нивната кариера и постигнувања во Премиер-лигата.
– Од 1992 година Премиер лигата е дом на играчи од светска класа, кои дефинираа генерации и ни овозможија прекрасни фудбалски сезони. Место во куќата на славните во Премиер-лигата е резервирано само за најдобрите. Тоа ќе биде повод за нашите навивачи низ светот да погледнат назад низ годините и да ни помогнат да одбележиме некои навистина исклучителни кариери – изјави главниот извршен директор на Премиер-лигата, Ричард Мастерс. 


ИОК има олимписки музеј, ФИФА библиотека и над 1.000 експонати…

Во светот постојат многубројни спортски т.н. куќи на славните или слично. Во Лозана, Швајцарија, во седиштето на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), од 1993 година постојат олимписки музеј и парк, кои годишно ги посетуваат над 250.000 луѓе. Светската фудбалска федерација (ФИФА) во Цирих во 2016 година отвори музеј сместен во повеќекатница, на површина од 3.500 квадратни метри, во која има над 1.000 експонати, спортска библиотека, бар, кафетерија, канцеларии, апартмани итн. Во САД такви „институции“ имаат сите најпопуларни спортови. Кошаркарската НБА-лига, во Спрингфилд, Масачусетс, има „Најсмит мемориал“ во чест на Џејмс Најсмит, таткото на оваа игра, во која првите членови се примени во 1959 година. Националната фудбалска лига (НФЛ) таква куќа има во Кантон, Охајо, од 1963 година, хокеарската (НХЛ) има музеј на хокејот од 1945 година, со седиште во Торонто, Канада, бејзбол-лигата (МЛБ) има таков објект во Куперстаун, во близината на Њујорк. Во САД од 1979 година постои и фудбалска (сокер) куќа на славните, на стадионот во Далас, Тексас.