Новиот менаџер на Тотенхем, Антонио Конте, треба да ја докомплетира тактичката разновидност во англискиот фудбал, во кој доминираат Јирген Клоп, Пеп Гвардиола, Томас Тухел, предводниците на Ливерпул, Сити и на Челси

ФУДБАЛ

Назначувањето на Италијанецот Антонио Конте за нов менаџер на Тотенхем значи дека четворица од веројатно петте најдобри тренери во светот во моментов предводат тимови во Премиер-лигата. За Тотенхем, ангажирањето на Конте би требало да претставува голем чекот напред во намерите конечно да се прерасне во силен и успешен клуб, со оглед на фактот дека во последните три децении освоија само еден трофеј, и тоа не многу ценетиот Лига-куп, а од последната лигашка титула поминаа 60 години, пишува порталот „Гол.цом“.
Во моментов, во Премиер-лигата има речиси комплетен сет на светски суперменаџери, како Јирген Клоп (Ливерпул), Пеп Гвардиола (Манчестер сити), Томас Тухел (Челси) и Антонио Конте. Недостигаат Диего Симеоне (Атлетико), Јулијан Нагелсман (Баерн), Карло Анчелоти (Реал), Маурицио Почетино (ПСЖ), Жозе Мурињо (Рома) и Масимилијано Алегри (Јувентус), за да биде заокружена елитната листа. Но имајќи ги предвид парите што ги поседуваат богатите англиски клубови, пред сите Њукасл во моментов, нема да биде чудо доколку некој од горенаведените наскоро се пресели во Англија. Финансиската доминација на англиските клубови постои деценија и повеќе, но во последните неколку години клубовите станаа свесни и за вредноста на елитните менаџери. Тие целосно го револуционизираа тактичкиот пејзаж на Премиер-лигата и создадоа нов поредок, кој се заканува да ги исцрпи ресурсите на Европа.
Конте треба да ја докомплетира тактичката разновидност во англискиот фудбал со пресингот на средината на теренот. Клоп и Гвардиола во Ливерпул и во Манчестер сити имаат висок пресинг. Томас Тухел, предводникот на Челси, е совршена средина меѓу нив. Контрола и посед на топка што започнува од својот казнен простор, како и кај Гвардиола, директни вертикални напади како кај Клоп, со тројца играчи во последната одбранбена линија и сличен пресинг на средината од теренот како Тухел.
Најдобрите светски менаџери, односно нивните идеи и тимската игра, сега се постојано тестирани, играат и реагираат еден на друг на неделна основа. Тоа е добра појдовна точка за тактичките иновации. Во последните неколку години стиловите на Клоп и на Гвардиола како да се преточија во еден. При пристигнувањето во Англија, тие протежираа различни стилови. Хевиметал-фудбалот на Клоп беше во контраст со опседнатоста за контрола и за голем посед на топката кај Гвардиола.


Суперлигата се појавува во нов облик

Она што е највредно за менаџерите во Англија се играчите што ги имаат на располагање. Привлечноста на суперклубовите во Шпанија како да згаснува и се чини дека нема да помине многу време за да ги видиме речиси сите ѕвезди во Премиер-лигата. Најдобрите играчи ќе имаат и најдобри тренери, што, од друга страна, ќе значи и дека фамозната Суперлига еден ден ќе стане реалност! Се говореше дека Суперлигата ќе биде конкурент на ЛШ, паралелен турнир што го поткопува европскиот фудбал. Но ако Премиер-лигата продолжи да расте, тогаш можеби ќе има повеќе смисла полека да се напушта домашната структура и заедно да се искомбинираат врвните лиги на Шпанија, Германија, Италија, Португалија и на Холандија во едно.