Рекордер е Ливерпул, кој за посредувањето платил околу 50 милиони евра
Англиските премиерлигаши на агентите на фудбалерите им платиле повеќе од 260 милиони фунти (над 300 млн. евра) за сезоната 2018/2019, што е зголемување за 49 млн. фунти (57 млн. евра) во споредба со претходните 12 месеци, јавија европски медиуми.
Најмногу пари за таа намена издвоил Ливерпул, 43 млн. фунти, во периодот од 1 февруари 2018 до 31 јануари 2019. Натаму следуваат Челси (26 млн.) и Манчестер сити (24 млн. фунти).
Надоместоците за агентите се зголемија и покрај тоа што клубовите потрошија 500 милиони фунти помалку за трансфери во споредба со претходната сезона. Федерацијата на фудбалски навивачи таквото трошење го нарече „шокантно“ и повика на уште поголема транспарентност за тоа како се трошат парите.
Во 2017/2018 Ливерпул потроши 27 милиони фунти за агентите што посредуваа во склучувањето на договорите, пред сѐ со Вирџил ван Дајк и со Мохамед Салах. Расходите за 2018/2019 година покриваат период во кој тие инвестираа многу за да бидат конкурентни во борбата за титулата во Премиер-лигата. Бразилецот, играчот за врска Фабињо, кој пристигна од Монако, ги чинеше 39 милиони фунти, а неговиот сонародник Алисон Бекер дојде од Рома за тогаш рекордни за голман 66,8 милиони фунти. Црвените, исто така, потрошија околу 50 милиони фунти за Наби Кеита.
Клубовите од дивизијата Чемпионшип на агентите им исплатиле вкупно 50 милиони фунти, што е за околу осум милиони повеќе од лани. Поранешните премиерлигаши, Стоук, Свонси и ВБА, кои испаднаа во 2017/2018 година, придонесоа со 35 отсто од тој износ.
Севкупно, англискиот фудбал потрошил 318 милиони фунти (370 млн. евра) за агентите што претставува пораст од 60 милиони фунти (70 млн, евра) во период од една година, иако трошоците за трансфери беа значително намалени. Во летниот преоден, рок 2018-та, и во зимскиот, во јануари 2019 година, премиерлигашките клубови потрошија 1,4 милијарда фунти (1,63 млд. евра). Таа сума е втора највисока за цела сезона по рекордното трошење од 1,9 милијарда фунти (2,2 млд. евра) во 2017/2018 година.
Во Лига 1 клубовите потрошиле 5,5 милиони фунти на агентите, со тоа што Сандерленд „придонел“ со половината од таа сума. Во Лига 2 агентите добиле малку под еден милион фунти ( 940.555) за посредувањето. Нортхемптон им исплатил на агентите најмногу од сите, 92.125 фунти. Маклсфилд потрошил само 1.000 фунти за агентите, што е најмалата сума за таа намена меѓу сите клубови во четирите најдобри лиги во Англија.
Во Националната лига, Салфорд (дел од Манчестер) им исплатил 76.338 фунти на агентите, што е повеќе од осум клуба во Лига 1 и од 21 клуб во Лига 2.