Во интересен и резултатски крајно неизвесен натпревар, Холандија забележа победа над Украина со 3-2, пред 16.000 гледачи, на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам, во 1. коло на фудбалското Европско првенство (ЕП). Холанѓаните поведоа со 2-0, Украинците се вратија со два гола за само четири минути, но не издржаа докрај и примија уште еден гол.
– Интересен натпревар, се играше многу брзо, имаше многу шанси за двата тима. Одлично реагиравме, особено откако губевме со 0-2, бидејќи можевме да го загубиме мечот уште во тој момент. Најдовме нова енергија, ја сменивме формацијата, бевме избалансирани и мислам дека тимот се покажа многу добро – изјави украинскиот селектор, Андриј Шевченко, кој до овој натпревар беше единствениот што постигнал голови за Украина на ЕП (двата против Шведска, 2-1, на ЕП 2012).
Мечот во Амстердам беше првиот натпревар во историјата на ЕП на кој во второто полувреме беа постигнати пет гола, откако по првиот дел беше 0-0. Голманот Мартен Стекеленбург (38 години и 264 дена) стана најстариот играч што некогаш настапил за Холандија на ЕП или на светско првенство (СП).