Во изборот на ИФФХС за најдобри плејмејкери на годината првопласирани се Хрватот Модриќ од Реал и Германката Марошан од Лион
Лука Модриќ (Хрватска, Реал Мадрид) и Џенифер Марошан (Германија, Лион) се најдобрите плејмејкери за годинава во изборот на Интернационалната федерација за фудбалската историја и статистика (ИФФХС).
Модриќ (победник со Реал во Лигата на шампионите и светски вицешампион со Хрватска) годинава веќе победи во три избора, добивајќи ја „златната топка“ на Светското првенство во Русија, наградата Најдобар на Светската фудбалска федерација (ФИФА) и признанието за најдобар на Европската фудбалска унија (УЕФА). Тој е во најтесна конкуренција и за наградата „златна топка“ на францускиот магазин „Франс фудбал“.
На второто место на листата на ИФФХС е Аргентинецот Лионел Меси (Барселона), кој победи во претходните три избора, а трет е Белгиецот Еден Азар (Челси). Модриќ минатата година беше третопласиран.
Откако од 2006 година ИФФХС избира најдобри, само еднаш победникот не бил од шпански клуб (Кака, 2007, тогаш член на Милан). Претходно по еднаш победуваа Французинот Зинедин Зидан и Германецот Тони Крос од Реал, како и четири пати Шпанецот Чави, двапати неговиот сонародник Андрес Иниеста и трипати Меси, тројцата од Барселона.
Марошан вторпат победува во овој избор (беше прва и во 2016 година, а втора во 2015 и 2017-та). Годинава тесна беше трката, па Марошан победи со шест поени предност пред Бразилката Марта (Орландо), која беше најдобра во овој избор во 2012 година. Марошан годинава со францускиот Лион ја освои Лигата на шампионите за жени и домашната титула, а претходно беше европски првак и со Франкфурт и со репрезентацијата на Германија.