Сезоната 2020/2021 во фудбалската Премиер-лига почна со вистинска ревија од голови, која кулминира во неделата, на мечевите Астон вила – Ливерпул, 7-2, и Манчестер јунајтед – Тотенхем,1-6. Голови во најсилната англиска лига се постигнуваат повеќе од 90 години, но годинава има една голема разлика, се игра без гледачи. Дали тоа е причината за многуте постигнати голови или станува збор за нешто друго? На тие прашања се обиде да одговори „Би- би-си“.
Во првите четири кола се постигнати 144 гола, што е за 40 повеќе од лани. Просекот od 3,79 гола по меч е нешто помал од рекордните 3,95 во сезоната 1930/1931. Просечниот број удари на гол по средба е помал во споредба со претходните сезони, но стапката на реализација е зголемена на 16,1 отсто (лани 11). Членот на Евертон, Мајкл Кин (27), вели дека играчите зборувале меѓу себе за многуте голови, а на прашањето дали тоа можеби се должи на отсуството на публика, вели дека станува збор за „мешавина од многу работи“, вклучувајќи го и тоа дека играчите „морале да бидат изолирани поради ковид-19“.
– Фудбалерите немаа ист број и ист интензитет на тренинзи. Можеби и тоа што нема гледачи на стадионите прави малку разлика и им дава повеќе слобода на напаѓачите да испробуваат работи што можеби не би ги правеле ако почувствуваат дека има поголем притисок од трибините – вели Кин.
Карлос Карвахал, тренерот на португалска Брага и поранешен менаџер на Шефилд и на Свонси, вели: „Отсуството на гледачи на мечевите на големите клубови со голем притисок врз нив ги намалува фокусот и концентрацијата на играчите. Публиката ги отвора вашите сетила, го зголемува интензитетот на мускулната реакција. Тоа има огромно влијание во главите на играчите, би рекол дури и 20 отсто.
Влијанието на гледачите има голем ефект и врз противничките играчи, бидејќи тие чувствуваат поголем притисок. Без гледачи е 11 наспроти 11, топка и судија, сѐ е избалансирано“.
Спротивно мислење има поранешниот напаѓач Крис Сатон.
– Стандардот на одбрана во Премиер-лигата е лош и има многу слаби голмански интервенции – вели тој, пренесе „Би-би-си“.