Европскиот првак Баерн со 15-та победа во низа обезбеди место меѓу најдобрите 16, каде што по четири кола се и Челси, Севилја, Барселона, Јувентус и Манчестер сити
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Актуелниот европски првак Баерн и Манчестер сити им се придружија на Челси, Севилја, Барселона и на Јувентус во осминафиналето во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. По четвртото коло од осминафиналистите само Баерн го осигури и првото место во групата. Баерн, кој ја прокнижи 15-та победа во низа во ЛШ, триумфирајќи над Салцбург со 3-1, на претходните 25 меча во ЛШ забележа 20 победи, четири ремија и еден пораз.
– Нашата главна цел беше да се пласираме меѓу најдобрите 16, и успеавме. Јас сум среќен, одигравме четири меча и ги добивме сите четири – рече тренерот Ханси Флик, за кој тоа беше 12-ти триумф едноподруго, со вкупна гол-разлика 45-8.
Манчестер сити осма сезона во низа е меѓу најдобрите 16 во ЛШ по победата на гости над Олимпијакос (1-0), четврта сезонава во групата со постигнати 10, а прими само еден гол. За менаџерот Пеп Гвардиола ова е 12-ти рекорден пласман во нокаут-фазата, најдобар ефект меѓу колегите тренери.
– Одигравме неверојатно добро. За жал, не успеавме да постигнеме повеќе голови иако не знам ни сам колку удари упативме кон голот. Но веќе сме во следната рунда и сега можеме да се фокусираме на Премиер-лигата и на другите натпреварувања. Тоа е голем комплимент за тимот – рече Гвардиола.
Ливерпул, шампионот од 2019 година, си ја закомплицира ситуацијата со поразот дома од Аталанта, 0-2. Менаџерот на „црвените“ Јирген Клоп, мечот го почна со доста променет состав, со неколку дебитанти и со тројца тинејџери (Кертис Џонс, Нико Вилијамс и Ријс Вилијамс) што резултира со лоша игра, пораз и ниту еден удар на противничкиот гол.
Левандовски сега е трет стрелец во ЛШ
Полјакот Роберт Левандовски, кој постигна еден гол за Баерн во победата над Салцбург во четвртото коло на фудбалската Лига на шампионите, се искачи на третата позиција на листата на најдобри стрелци во тоа натпреварување со 71 гол, колку што има Шпанецот Раул, поранешниот напаѓач на Реал Мадрид и на Шалке. Најефикасни засега се Португалецот Кристијано Роналдо со 131 и Аргентинецот Лионел Меси со 118 гола.