Македонија загуби од Австрија со 1-4. Во групата Г убедливо води Полска, а Израел, Австрија, Словенија и Македонија од второто до петтото место сега се на три бода разлика
Македонската фудбалска репрезентација претрпе пораз дома со 1-4 од Австрија во понеделникот, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, по што Македонија сега е петта во групата Г со четири бода, три помалку од второпласираниот Израел. Во групата убедливо води Полска со максимални 12 бода и без примен гол по првите четири кола. На ЕП ќе се пласираат првопласираните две репрезентации од секоја од десетте групи. Според шансите, поразот можеше да биде и поубедлив, иако Македонија поведе со автогол на гостите. Австријците создадоа многу можности за гол, Столе Димитриевски одбрани во неколку ситуации „еден на еден“, а гостите еднаш ја погодија и стативата.
– Не се согласувам дека ги загубивме квалификациите. Загубивме дома од фаворитите, но сме на три бода од второто место. Загубивме од две поквалитетни селекции. Ако поразот од Полска беше несреќен, овој е заслужен. Ќе се обидеме да го дополниме тоа што го испуштивме дома. Австрија беше подобра, нѐ наттрча, создаде многу шанси, а Димитриевски беше на висина на задачата. Можеби мечот ќе имаше друг тек ако постигневме втор погодок при 1-0. Шансите за пласман на ЕП не се загубени. Јас бев првиот што ја крена летвичката кога се очекувањата во прашање и побарав од фудбалерите пласман на ЕП. На три бода сме од второпласираната селекција во групата, имаме уште шанси – рече селекторот Игор Ангеловски.
До овие два меча, со Полска (20-та на ранг-листата на ФИФА) во петокот, потоа и во понеделникот со Австрија (34-та), Македонија (на 68-то место) беше во серија од шест победи во низа дома, по дуелите со Лихтенштајн (4-0 во квалификациите за СП 2018 и 4-1 во Лигата на нациите), Норвешка (2-0, пријателски меч), Ерменија (2-0, Лига на нации), Гибралтар (4-0, Лига на нации) и со Летонија (3-1, квалификации за ЕП 2020).
Следните мечеви во групата се во септември, кога Македонија двапати гостува, прво кај Израел, каде што Македонија победи во квалификациите за СП 2018, а потоа кај Летонија, која дома црвено-жолтите ја победија во март.