ФУДБАЛ
Во Лига Европа осминафиналната рунда ќе треба да се комплетира утре и в четврток, а во Лигата на шампионите в петок и в сабота. Завршните турнири со по осум тима треба да се одржат во Португалија и во Германија
По принудниот речиси петмесечен прекин, во март, поради пандемијата на ковид-19, неделава продолжуваат натпреварите во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ). Европската фудбалска унија (УЕФА) во услови на повеќе забрани најде солуција двете натпреварувања да ги заврши со два турнира, во Португалија и во Германија, каде што треба да се соберат екипите на едно место, од четврт-финалето па натаму, при што ќе игра само по еден натпревар (без реванши), без публика, објави Агенцијата Франс прес (АФП).
Натпреварите во ЛШ треба да се доиграат во Лисабон на турнирот со осум тима, почнувајќи од 12 август, со финале на стадионот „Луж“ на Бенфика, на 23 август. Во ЛЕ, во неколку града во Германија, натпреварите треба да се играат од 10 август, а финалето е предвидено да се одигра во Келн, на 21 август.
– Верував во ова од првиот момент. Секогаш треба да се биде оптимист и ако се случи нешто вакво, како кризава, мора да имате подготвен план. Во моментов, натпреварите ќе се играат без гледачи, сѐ додека не се се подобрат условите. Нема да преземеме никакви дополнителни ризици – одговори неодамна претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, на прашањето дали некогаш се посомневал оти натпреварувањата ќе се доиграат.
Прелиминарната рунда од квалфикациите за следната сезона во ЛШ почнува в сабота, истиот ден кога Баерн го пречекува Челси (3-0 во првиот меч), а Наполи ѝ гостува на Барселона (1-1) во реваншите од осминафиналето. Во ЛЕ осминафиналната рунда ќе треба да се комплетира утре и во четврток. Два од осумте меча, Интер – Хетафе в среда и Севилја – Рома в четврток, кои беа одложени во март ќе се играат во Германија, а другите шест на терените на тимовите домаќни на реванш-мечевите.
Манчестер јунајтед го пречекува Ласк (5-0) и по добрата форма во Премиер-лигата и пласманот во ЛШ за следната сезона сака долгата сезона да ја заврши со трофеј.
– Сега нашиот фокус е на ЛЕ, ова е навистина добар трофеј и ние сакаме да го освоиме. Дојдов во Манчестер за да освојувам трофеи – рече Бруно Фернандеш, за клупскиот ТВ-канал.