По 2,5 години на клупата на Манчестер јунајтед, Мурињо го снајде истата судбина како и неговите претходници, Луј ван Гал (во мај 2016-та) и Дејвид Мојес (во април 2014-та). Од клубот најавуваат дека привремен менаџер ќе биде назначен до крајот на сезоната, до кога клубот ќе спроведе темелен процес за регрутација на нов менаџер, а се шпекулира со неколку имиња
Португалецот Жозе Мурињо (55), по 2,5 години на менаџерската позиција, доби отказ од англискиот фудбалски премиерлигаш Манчестер јунајтед. Во тој период тој освои два трофеја, во Лига Европа (ЛЕ) и во Лига-купот на Англија.
– Привремен менаџер ќе биде назначен до крајот на сезоната, период во кој клубот ќе спроведе темелен процес за регрутација на нов менаџер. Му се заблагодаруваме на Жозе за неговата работа во Манчестер јунајтед и му посакаме успех во иднина – се вели во клупското соопштение.
Според некои извори, помошник-тренерот, Мајкл Керик, ниту Ники Бат или кој било друг тренер во клубот, не се во комбинација за привремен менаџер. Најдоцна до сабота и до мечот против Кардиф треба да биде познат наследникот на Мурињо. Зинедин Зидан, моментално без ангажман, Маурисио Почетино, менаџерот на Тотенхем, но и Диего Симеоне од Атлетико, се меѓу фаворитите за преземање на менаџерската улога во Јунајтед следното лето.
Мурињо го снајде истата судбина како и неговите претходници, Луј ван Гал (во мај 2016-та) и Дејвид Мојес (во април 2014-та), кои, пак, беа сменети откако не се пласираа во ЛШ. По поразот од Ливерпул (1-3) во неделата, во најголемото дерби на Премиер-лигата, Мурињо беше под голем притисок на јавноста и цел на жестоки критики, главно од поранешни врвни играчи, сега во улога на стручни коментатори. Критиките главно беа насочени на лошата игра и на очајните резултати на Јунајтед есенва, кој по 17 кола е на шестата позиција на табелата со 26 бода, 19 помалку од лидерот Ливерпул, што е најлош ефект по сезоната 1990/91. Според англиските медиуми, челниците на Јунајтед како компензација на Мурињо ќе треба да му исплатат 24 милиони фунти (26,7 милиони евра).
Манчестер јунајтед го продолжи договорот со Мурињо пред 11 месеци, до крајот на сезоната 2019/2020, со опција за уште една сезона. Англиските медиуми наведуваат дека односите помеѓу Мурињо и првиот оперативец на клубот, Ед Вудворд биле далеку од добри. Мурињо беше незадоволен, и тоа постојано го истакнуваше, затоа што Вудворд не го поддржува и не му давал пари за купување нови играчи. Од друга страна, пак, фудбалерите со кои тој располагаше ни оддалеку не играа на посакуваното ниво. Капак на сѐ беа недоразбирањата со Пол Погба, Антонио Валенсија, Фред, па и со Антони Марсијал и Хуан Мата, кои ретко добиваа шанса за играње и повеќе беа на клупата за резервни играчи.
Мурињо потрошил 364 милиони фунти (околу 400 милиони евра) за купување осум играчи, на кои инсистирал токму Португалецот, тврдат од клубот. Повеќето од нив не ги оправдаа довербата и вложените пари, а имаше голема разочараност поради стилот на играта, но и поради застојот во развојот и подобрувањето на перформансите на младите играчи. Клубот, исто така, при одлуката за отказ на Мурињо предвид ја имал и зголемената разочараност кај навивачите за тоа во која насока оди тимот, па и клубот со Мурињо како менаџер.
Продолжува синдромот „трета сезона“
Жозе Мурињо како да не може да издржи подолго од три сезони на клупата на кој било фудбалски клуб. Во Манчестер јунајтед повторно му се случи т.н. „синдром на трета сезона“, предвреме доби отказ поради лошите резултати.
Сѐ почна во Порто, каде што отиде во јануари 2002 и остана до мај 2004-та, но, сепак, со титула европски првак. Во Челси, Мурињо првпат замина во 2004-та, имаше големи успеси, но откако ги влоши односите со сопственикот на клубот доби отказ во септември 2007-та.
Во Интер помина две одлични сезони, од 2008-та до 2010-та, по што, по нова европска титула, реши да се пресели во Мадрид, во Реал. Таму Мурињо издржа три сезони, од 2010 до 2013-та, притоа не забележувајќи поголеми успеси. Во Реал успеа да се скара со повеќе играчи. Во вториот мандат во Челси, од јуни 2013 до декември 2015 година, Мурињо во втората сезона на супериорен начин ја освои титулата во Премиер-лигата, но во следната повторно се „закачи“ со фудбалерите, негирајќи го нивниот удел во титулата, по што тие едноставно како да „не сакаа да играат за него“. Отказот следуваше на 17 декември 2015 г., речиси на истиот датум како и отказот три години подоцна, на 18 декември 2018, од Манчестер јунајтед.
Мурињо во својата биографија има две титули во Лигата на шампионите, со Порто (2004) и со Интер (2010), две титули во Лига Европа (ЛЕ), со Порто (2003) и со Јунајтед (2017), осум титули во националните шампионати и 15 куп-трофеи итн. Но под негово водство Јунајтед освои 176 поени, што е помалку од најголемите конкуренти во истиот период, Манчестер сити (222), Тотенхем (202), Челси (200) и Ливерпул (196 поени). Л.Д.