„Би-би-си“ направи анкета за избор на најдобрите 11 откако се игра овој формат на ЛШ од 1992 година, а услови за влез на листата беа фудбалерите да одиграле барем 60 меча и да настапиле барем во едно финале

ФУДБАЛ – ЗА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Откако „Би-би-си“ предложи потесен список од 60 фудбалери како најдобри во Лигата на шампионите (ЛШ), по ребрендирањето на најквалитетното европско клупско натпреварување во 1992 година, со анкета се одбрани 11-те најдобри, меѓу кои се најдоа играчи од шест земји од два континента. Притоа услов бил фудбалерот да има барем 60 настапи во ЛШ и да играл најмалку во едно финале.
Според гласањето на јавноста, голманот на Јувентус, Италијанецот Џанлуиџи Буфон е број еден во изборот (32 отсто од гласовите), пред Шпанецот Икер Касиљас (29 отсто) и Холанѓанецот Едвин ван дер Сар (14 проценти). Во одбраната најмногу гласови биле дадени за Италијанецот Паоло Малдини (73 отсто), Шпанецот Серхио Рамос (52) и за Бразилците Дани Алвеш (40) и Роберто Карлос (40 отсто). Германецот Филип Лам (34 отсто) и Шпанецот Карлос Пујол (32) не влегоа во најдобриот тим.

Во средниот ред беа избрани Французинот Зинедин Зидан (63 проценти) и Шпанците Андрес Иниеста (53) и Чави (40). Легендата на Јувентус и на Реал Мадрид, Зидан, всушност беше најизбран играч на сите три позиции во средината, додека на следните две места се најде двоецот од Барселона. Поранешниот играч од средниот ред на Ливерпул и Англија, Стивен Џерард, беше четвртиот најпопуларен играч од средниот ред (23 отсто).
Португалецот Кристијано Роналдо (90 отсто) и Аргентинецот Лионел Меси (88 проценти) се на првите две места меѓу напаѓачите, а некогашниот играч на Арсенал, Французинот Тиери Анри (26 отсто) се најде меѓу првите тројца на оваа позиција. Полјакот Роберт Левандовски на четвртата позиција заостана за 0,2 отсто зад третиот, пишува „Би-би-си“.


НАЈДОБРИОТ ТИМ ВО ЛШ ВО ИЗБОРОТ НА „БИ-БИ-СИ“

Џанлуиџи Буфон                    Италија
Паоло Малдини                      Италија
Серхио Рамос                         Шпанија
Дани Алвеш                           Бразил
Роберто Карлос                      Бразил
Зинедин Зидан                      Франција
Андрес Иниеста                     Шпанија
Чави                                      Шпанија
Кристијано Роналдо               Португалија
Лионел Меси                          Аргентина
Тиери Анри                            Франција