ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) утре и в среда на програмата се четири реванши од осминафиналето, Јувентус – Порто (прв меч 1-2), Борусија Дортмунд – Севилја (3-2), Ливерпул – Лајпциг (2-0) и Пари сен Жермен – Барселона (4-1). Идната недела се другите реванш-дуели. Јувентус го пречекува Порто по импресивната победа на португалската екипа во првиот меч со 2-1. „Не е сѐ совршено за нас затоа што примивме гол“, изјави тренерот на Порто, Сержио Консеисао, алудирајќи на тоа дека во еден момент неговиот тим можеше да поведе со 3-0, но наместо тоа, потоа прими гол. Кристијано Роналдо има шанса, ако Јувентус се пласира во четврт-финалето, да се израмни и да го помине Икер Касилјас, рекордерот според бројот на настапи во ЛШ, со 177.
Севилја загуби од Борусија (2-3) во првиот меч и не успеа да го скроти Ерлинг Холанд, кој постигна два гола и е најефикасен сезонава во ЛШ со осум погодока, а германските весници не штедат зборови за да го пофалат. „Билд“ пишува дека тој е „во своја Лига на шампиони“.

Сепак, Севилја предводена од тренерот Жулен Лопетеги не смее да се отпише, а рано постигнат гол може од корен да ги смени работите. Разнишаниот Ливерпул го пречекува Лајпциг во Будимпешта. Мохамед Салах и Садио Мане му ја донесоа победата на Ливерпул во првиот натпревар, но „црвените“ се во лоша форма, ранливи се, а тоа го знае и тренерот на Лајпциг, Јулијан Нагелсман. „Почнуваме од 0-0, но треба да ги надоместиме двата гола и барем да обезбедиме продолженија. На првиот меч покажавме дека можеме да бидеме рамноправни и да создаваме шанси“. Барселона, предводена од Роналд Куман, ќе се обиде да ја поништи негативата од три гола, што претходно им успеа само на три тима.