Викендов по еден играч од секој клуб ќе се натпреварува на виртуелното национално првенство на конзоли за игри, натпреварите ќе одат во живо на интернет, со коментар од некои од најпознатите шпански коментатори, а сите приходи ќе одат за помош на медицинскиот персонал
Шпанската фудбалска Ла лига се надева дека ќе продолжи сезоната на средината на мај, но во меѓувреме треба да почне првенството помеѓу 20-те прволигаши во Шпанија – на конзоли за игри. Викендов по еден играч од секој клуб ќе се натпреварува на виртуелното национално ФИФА-првенство на Плејстејшн, објави британскиот „Гардијан“.
Натпреварите ќе одат во живо на интернет, со коментар од некои од најпознатите шпански коментатори, при што сите приходи ќе одат за помош на медицинскиот персонал.
Ла лига го прифати натпреварувањето, а играчите надвор од Шпанија се подготвени да бидат вклучени во слични проекти, вклучувајќи го и капитенот на Челси, Цезар Аспиликуета, пишува „Гардијан“
Натпреварувањето следува откако Борха Иглесијас од Бетис и Серхио Регуилон од Севилја го одиграа дербито на Севилја на интернет од нивните домови минатата недела, откако Ла лига ги одложи сите натпревари најмалку две недели поради ширењето на коронавирусот. Мечот беше коментиран од најпознатиот коментатор во Шпанија за е-спорт, на неговиот твич-профил, а дуелот го следеле 62.000 луѓе, пишува „Гардијан“.
– Кога ќе видите дека 62.000 луѓе гледаат, се нервирате, има голем притисок, но беше интересно. Живееме за да се натпреваруваме. Играв како да е вистински натпревар – рече Иглесијас.
Тој, исто така, рече дека ова го сфаќа многу сериозно, нешто што важи за повеќето фудбалери, барајќи нешто да се пополни празнината за време на овие денови на изолација. Бетис го доби дербито со 6-5, а виртуелниот Иглесијас постигна хет-трик на тој меч.
За виртуелното првенство во некои клубови имало повеќе од еден кандидат. Тибо Куртоа, Асенсио и Дани Карвахал морале да се натпреваруваат за да видат кој да го претставува Реал Мадрид.