Србинот Радомир Антиќ, поранешен успешен тренер на Атлетико Мадрид, Реал Мадрид и на Барселона, и селектор на фудбалската репрезентација на Србија, почина на 71-годишна возраст. Антиќ своевремено играше за белградски Партизан, за Лутон, Сарагоса.
Во 27-годишната тренерска кариера најголемите успеси ги постигна во шпанските клубови. Тој е тренерска икона на Атлетико, со кој освои двојна круна, триумфирајќи во првенството на Шпанија и во кралскиот куп во сезоната 1995/96. Антиќ е единствен што бил тренер на трите големи шпански клуба, Атлетико, Реал и Барселона.
Со пригодни зборови на социјалните мрежи од Антиќ се простија извршниот директор на Атлетико, Мигел Анхел Гил, кој соработуваше тесно со Антиќ во трите наврати кога беше тренер на тимот, потоа Фернандо Торес и капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос, кој на Твитер напиша: „Го направивте Атлетико поголем, го направивте нашето ривалство поголемо. Збогум на уникатната кариера: Атлетико, Барса и Реал Мадрид, меѓу другите. Почивај во мир“.