Роси стана познато име низ целиот свет откако ги предводеше „аѕурите“ до триумф на СП 1982 во Шпанија
Светот на фудбалот остана без уште една легенда, Италијанецот Паоло Роси (64), светскиот првак од Шпанија во 1982 година. Роси стана познато име низ целиот свет откако ги предводеше „аѕурите“ до триумф на турнирот во Шпанија, на кој беше најдобар стрелец со шест гола, и најдобар играч, пишува „Би-би-си“. Роси постигна 20 гола на 48-те настапи за италијанската репрезентација, како и над 100 погодока во Серија А за Виченца, Перуџа, Јувентус, Милан и за Верона. Поради одличните игри на Светското првенство (СП) во 1982 година, тој ја доби „златната топка“, која му се доделува на европскиот фудбалер на годината. Откако се повлече од фудбалот, на крајот од 80-тите години на минатиот век, Роси работеше како фудбалски коментатор.
Роси стана планетарна фудбалска ѕвезда на СП 1982, турнир што не почна добро за Италија и за Роси. Напаѓачот на Јувентус не успеа да постигне погодок во групната фаза, а Италија одигра нерешено на сите три натпревари и едвај се квалификува за следната рунда. Но следуваше мечот со Бразил во втората, групна фаза, на кој Роси постигна хет-трик, а Италија победи со 3-2 и се пласира во полуфиналето.
Роси ги постигна и двата гола во полуфиналето против Полска (2-0), со што ја одведе Италија во финалето против Западна Германија. Во финалето Роси го постигна воведниот гол во второто полувреме, „аѕурите“ победија со 3-1 и третпат станаа светски шампиони.
– Од една страна, се чувствував исполнето. Си реков, успеа. Од друга страна, бев разочаран што сето тоа штотуку заврши. Светското првенство заврши. Но кога ќе освоите нешто важно, тоа не се однесува само на трофејот. Тоа е и за групата со која ќе го освоите, тоа е за целата ваша кариера што ве однела таму – изјави Роси за тој триумф во документарецот на ФИФА од 2018-та.