Се обидуваме да најдеме најдобар начин како да ги интегрираме Меси, Нејмар и Мбапе во тимот. Секој од овие тројца играчи може да биде „крал“ во кој било клуб на светот, вели тренерот на ПСЖ, Маурицио Почетино
ФУДБАЛ
Тренерот на Пари сен Жермен (ПСЖ), Аргентинецот Маурицио Почетино, се насмевнува на прашањето дали ќе мора да ја освои Лигата на шампионите (ЛШ), за да се смета неговата работа во францускиот клуб како успех.
– Ние сме храбри луѓе. Најлесно беше да се чека нормален проект без притисок и да се направи нешто долгорочно. Но ние сме храбри и го сакаме предизвикот и тој предизвик нѐ прави подобри – вели Почетино за себе и за тренерскиот штаб, во кој е и еден од неговите два сина, Себастијано (другиот, Маурицио, е играч на Вотфорд).
Поминаа 11 месеци откако Почетино (49) го наследи Томас Тухел во ПСЖ. Тој се надеваше дека ќе се сретне со менаџерот на Челси во финалето на ЛШ минатата сезона, но ПСЖ, откако ги победи Баерн и Барселона, не ја мина последната полуфинална пречка, Манчестер сити, кому му гостува утревечер во меч од 5-то коло во групната фаза (ПСЖ го победи во Париз со 2-0).
Во интервју за весникот „Гардијан“, Почетино зборува за „огромното“ очекување во ПСЖ, за верувањето „дека треба да ги добиваме натпреварите уште пред да ги играме“, како е да се работи со „тројцата кралеви“, Лионел Меси, Нејмар и Килијан Мбапе, за болката што ја чувствува додека го гледа Тотенхем по отказот и за тоа дали бил блиску до враќање таму лани.
– Најважно во клуб како ПСЖ е да се победува. Сѐ е до победите. Тоа е сосема поразлично од друг притисок – објаснува Почетино.
Тој размислува и како да ги интегрира Меси, Нејмар и Мбапе во тимот.
– Се обидуваме да најдеме најдобар начин за тоа. Мислам дека секој од овие тројца играчи може да биде „крал“ во кој било клуб на светот. Но ние имаме тројца „кралеви“ во ист тим. Тројца со различни потреби за нив и со различни потреби на тимот. Мбапе има потреба од простор за трчање и брзина во транзицијата, Нејмар треба да ја има и да ја чувствува топката, понекогаш и да ја задржи и Меси, кому можеби му треба поинакво темпо во играта. Не е лесно сето тоа да се вклопи – вели Почетино, кој ја фали скромноста на Меси, кој е прв на тренинг, чека во ред за лекарски третман и чека во редот за храна.
И покрај големото внимание во врска со работењето во суперклуб како што е ПСЖ, тој тврди дека основите на неговата работа е да го извлече најдоброто од играчите и да формира тим, исто како што беше во Еспањол, Саутемптон или во Тотенхем.
– Единствено што се смени се очекувањата. Оваа сезона е битна, многумина веруваат дека треба да ги добиваме мечевите пред да ги одиграме. Треба да ги почитуваме противниците, да се надградуваме и да се приспособуваме – истакнува Почетино.
Неговото единствено жалење во врска со Тотенхем е што не освои ни еден трофеј. Летово имаше некои шпекулации дека Тотенхем сака повторно да го ангажира и оти и тој сака да се врати.
– Никогаш не знаете од каде се појавуваат таквите гласини, а јас сум човек што не сака да ги користи тие работи. Затоа не кажав ништо. Овде во Франција ме критикуваа за тоа. „Зошто Маурицио не кажа ни еден збор за останување во Париз?“ Јас им велам дека нема потреба да зборувам за работи со кои немам никаква врска. Во ПСЖ се обидувам да го почитувам клубот со кој имам договор – вели Почетино.
Сезонава е клучна за ПСЖ. Треба да ја врати титулата во француското првенство и да стигне што подалеку во ЛШ, па и да ја освои.
– Кога сте блиску, мислам дека почнува да ви се зголемува вербата дека ќе успеете. Сигурно дека во иднина ПСЖ, работејќи на овој начин, ќе успее да стигне до титулата. Можеби тоа ќе се случи и сезонава, но никогаш не се знае. Ни треба посветеноста на сите играчи на проектот, тогаш ќе бидеме блиску до освојување на ЛШ – истакнува Почетино.