Мислам дека знам многу за фудбалот, но мора да користам специјалисти да си ја завршат својата работа. Постојат луѓе што знаат многу работи подобро од вас. Ако мислите дека знаете сѐ и сте најдобри, мислам дека ќе имате проблеми, вели Розе

Во интервју за британскиот весник „Гардијан“, Марко Розе (44), тренерот на Борусија Менхенгладбах, зборува за својата филозофија и за други работи поврзани со фудбалот. Неодамна беше објавено дека летово ќе оди во Борусија Дортмунд, што и не е некое големо изненадување, бидејќи тој е еден од најбараните и најценети тренери во Европа. Пред четири сезони беше тренер на младинците на Салцбург, со кои ја освои младинската лига на УЕФА. Во првата сезона во Борусија М. беше четврти во Бундес-лигата, а сега, првпат по 43 години, е во осминафиналето на Лигата на шампионите. Патот до врвот за Розе не беше праволиниски, но некои моменти му одеа во прилог. Во 2002 година, како нестандарден дефанзивец на Хановер под водство на Ралф Рангник, тој можеше да избира помеѓу Либек и Мајнц, на чија клупа беше Јирген Клоп.
– Првата мисла ми беше: Добро, Либек, покрај морето, убаво место, добар тренер… Тогаш си помислив дека ќе треба да поразговарам и со Јирген. Се запознавме во хотелот на Мајнц и додека завршивме со разговорот, решив да не одам на море. Тоа е она што мислам дека го прави Клоп посебен, дека може да ве убеди во неговите идеи – вели Розе, кој редовно контактира со Клоп, но тврди дека фудбалот не доминира во разговорите.

Тие беа шест години заедно во Мајнц, а Розе не го отфрла влијанието на Клоп. „Секако дека користам некои негови идеи и работи од тренинзите“. На него влијаел и Рангник, како и Томас Тухел, со кого работел во Мајнц, по заминувањето на Клоп. Розе вели дека повеќе го интересирало лидерството отколку пофините тактички детали кога бил играч. Прва работа како прв тренер му беше во четвртолигашот Локомотив, во родниот град Лајпциг.
– На еден начин не беше многу тешко, затоа што имав специјални момци во тимот. Повеќето беа студенти, еден имаше дискотека, друг имаше бар. Сите бевме навистина блиски. Тоа беше вистински фудбал. Добро место за почеток, да се научи многу и да откриете дали сакате да бидете тренер – вели Розе.
Патот понатаму го води во Салцбург, како тренер на младиот, потоа и на првиот тим. Во 2016 година тој го покани Рене Мариќ, тренер-блогер, чија работа ја разбранува фудбалската заедница за тактичката анализа, да му се приклучи во стручниот штаб. Мариќ остана со него и кога Розе се пресели во Менхенгладбах, а ќе биде со него и во Дортмунд. Розе смета дека тренер/-менаџер на највисоко ниво мора да биде опкружен со експерти.
– Ако си паметен, ќе го направиш тоа. Мислам дека знам многу за фудбалот, но мора да користам специјалисти да си ја завршат својата работа. Постојат луѓе што знаат многу работи подобро од вас. Ако мислите дека знаете сѐ и сте најдобри, мислам дека ќе имате проблеми – вели Розе.

За Розе битна работа во современиот фудбал е комуникацијата.
– Играчите денес брзо сфаќаат што бара тренерот, што мисли. Потребно ви е добро фудбалско знаење, но, од друга страна, добро е да чувствувате со нив, да имате емпатија. Најважната работа е да ги убедите, не само за играњето фудбал туку и за сѐ што правите. Начинот на работа е начинот на кој играте. Среќата е еден дел од добрата атмосфера во соблекувалната, но и искреноста. Ако некој направи грешка, треба да му кажете: „Еј, тоа не сме ние, ние сме различни“. Тоа значи да се забавуваме многу, но да бидеме искрени и вредни – вели Розе.


Опис на еден тим на Розе

Тим на Марко Розе? Секогаш активен во мечот, тим што се обидува да ја освои топката високо на теренот. Ако имаме шанса за брз гол, треба да ја искористиме, ако не, треба да ја задржиме топката, но не и да се успиеме. Брзо движење на топката, раздвижување на противниците, повторно освојување на топката во најкраток можен рок, ако ја загубиме. Паметно играње, играње „тврдо“, а не само заради ефект. Секогаш верба во секој соиграч и секогаш со верба дека имаме шанса да победиме, вели Марко Розе за „Гардијан“. Л.Д.