Селекторите Фернандо Сантос, Јоаким Лев и Дидие Дешам

Во групата Ф, во која се актуелните прваци на Европа (Португалија) и на светот (Франција), како и планетарниот шампион од 2014 година (Германија), може да игра Македонија, ако победи во плејофот на лигата Д, а истовремено доколку Романија триумфира во лигата А. Вкупно трите репрезентации заедно имаат 12 трофеи од светските и од европските првенства

По ждрепката во Букурешт, Романија, познати се шесте групи со по четири репрезентации за финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) во 2020 година во фудбал, кое првпат ќе се игра во 12 града и во 12 земји. Во групата Ц се Украина, Холандија и Австрија (ривалот на Македонија од квалификациите) и можеби Македонија, се разбира ако успешно го помине плејофот во март следната година. За такво нешто прво Македонија треба да го победи Косово на домашен терен, а потоа на гости, и подобриот од дуелот Грузија – Белорусија. Но доколку успешно го помине плејофот во лигата А, Романија ќе игра во групата Ц, како домаќин во Букурешт, а во групата Ф (во Минхен и во Будимпешта), со Германија, Франција и со Португалија би се нашол победникот од плејофот во лигата Д – Македонија, Косово, Грузија или Белорусија.

Како и на секое ЕП (па и на СП) и овој пат има т.н. „група на смртта“ или „супергрупа“. Во случајов тоа е групата Ф во која се бранителот на титулата, Португалија и светските прваци од 2014 и од 2018 година, Германија и Франција.

– Тоа е најтешката група, но мора да ја прифатиме. Тоа значи дека ќе мораме да се подготвиме најдобро што можеме – изјави селекторот на Франција Дидие Дешамп. Групата Ф тежи од трофеи. Франција, со селекторот Дидие Дешам, е актуелен светски првак, има планетарна титула и од 1998 година и два трофеја од европските првенства (1984 и 2000). Португалија со селекторот Фернандо Сантос на ЕП 2020 ќе ја брани титулата освоена во 2016 година, кога во финалето ја победи токму Франција.

Португалците се и актуелни победници во новото натпреварување на УЕФА, Лигата на нациите. Германија, чиј селектор е Јоаким Лев, пак, е четирикратен светски (1954, 1974, 1990 и 2014 година) и трикратен европски првак (1972, 1980 и 1996 година). Вкупно трите репрезентации заедно имаат 12 трофеи од светските и од европските шампионати.

Англија е во група со Хрватска од која загуби лани во полуфиналето на СП во Русија и со која играше и во Лигата на нациите (ЛН). Другите фаворити, како Италија, која забележа 10 победи во квалификациите, Шпанија, Белгија, па и Холандија имаат релативно лесни ривали и за очекување е да се пласираат во нокаут-фазата.
Шампионатот ќе го отворат Италија и Турција, на 12 јуни на стадионот „Олимпико“ во Рим. Во групната фаза ќе се играат по четири натпревари дневно, до 24 јуни. Првопласираните две селекции од шесте групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните, ќе се квалификуваат за осминафиналето, кое ќе почне на 27 јуни. Секој од 12-те града ќе биде домаќин на по еден меч во осминафиналето, односно во четврт-финалето. Вкупно на ЕП 2020 треба да се одиграат 51 натпревар.

За разлика од минатите ЕП, сега домаќините не се квалификуваа автоматски на завршниот турнир, кој следната година, по повод 60-годишнината од првото ЕП во 1960 година, првпат ќе се игра во 12 града и во 12 земји, од 12 јуни до 12 јули 2020 година.


Кои се фаворитите?

Обложувачниците во Велика Британија за прв фаворит го сметаат актуелниот светски првак Франција, пред Англија, Белгија, Германија и Шпанија. Ако Франција стане европски првак, нивниот селектор, Дидие Дешамп ќе стане првиот човек што бил светски и европски првак како играч и како селектор. Помалку шанси за нов триумф ѝ се даваат на Португалија (12-1), предводена од Кристијано Роналдо, кој постигна 99 гола за репрезентацијата. Роналдо е рекордер според најмногу одиграни натпревари на ЕП (21), најмногу голови (колку и Мишел Платини) и е со најмногу турнири на кои постигнувал најмалку по еден гол (четири). Роналдо, исто така, е европски фудбалер со најмногу настапи на големите турнири, ЕП и СП, 38, колку што има и поранешниот играч од средниот ред на Германија, Бастијан Швајнштајгер.


Во 1-то коло со Австрија или со Португалија

Ако игра во групата Ц на Европското фудбалско првенство во 2020 година, првиот меч на репрезентацијата на Македонија би бил со Австрија, во Букурешт. Македонија и Австрија беа во иста група во квалификациите за континенталното првенство. Ако, пак, Македонија настапи во групата Ф, тогаш во првото коло противник ќе биде европскиот првак Португалија, во Будимпешта.


Повторно навивачки зони низ Европа

Навивачите на репрезентации што се квалификуваа за финалниот турнир ќе имаат можност да аплицираат за билети од 4 до 14 декември преку националните фудбалски асоцијации. Билетите за 44 од вкупно 51 натпревар ќе чинат помалку од 50 евра (по 30 во Баку, Букурешт и во Будимпешта). Најевтините места за финалето на „Вембли“ се 95, а најскапите 945 евра.
На некои од минатите турнири огромен успех и популарност во градовите-домаќини имаа официјалните „навивачки зони“ наменети за оние без билети, а кои сакаа натпреварите да ги гледаат на безбедни места. И овој пат УЕФА ветува огромни екрани, фестивали, интересни настани, улични активности, музички итн. Во Париз, на ЕП 2016, навивачката зона собираше околу 100.000 луѓе.
Некои градови веќе објавија каде ќе бидат т.н. „навивачки села“ (во Минхен, на стариот Олимписки стадион, во Будимпешта на плоштадот на „Хероите“).


Состав на групите
Група А: Италија, Швајцарија, Турција, Велс
Група Б: Белгија, Русија, Данска, Финска
Група Ц: Украина, Холандија, Австрија, плејоф лига А или Д
Група Д: Англија, Хрватска, Чешка, плејоф лига Ц
Група Е: Шпанија, Полска, Шведска, плејоф лига Б
Група Ф: Германија, Франција, Португалија, плејоф лига А или Д

ПЛЕЈОФ, ЛИГА НА НАЦИИ
Лига А: Бугарија – Унгарија, Исланд – Романија
Лига Б: БиХ – С. Ирска, Словачка – Р. Ирска
Лига Ц: Норвешка – Србија, Шкотска – Израел
Лига Д: Грузија – Белорусија, Македонија – Косово
финалињата ќе се играат кај победникот од првата двојка во секоја лига