Манчестер Јунајтед соопшти дека долгогодишниот асистент на тренерот Жозе Мурињо, Руи Фарија, на крајот од сезоната ќе го напушти клубот.
Фарија соработуваше со Мурињо од 2001 година и во изминатите 17 години со различни клубови освоија 25 трофеи.
– По многу размислување и со тешко срце одлучив дека е време да тргнам во друг правец. Имам зад себе 17 прекрасни години и неверојатни искуства. Во изминатиов период почувствував дека треба да поминам повеќе време со моето семејство пред да донесам одлука за нов професионален ангажман – истакна Фарија.
И Мурињо не штедеше комплименти за својот долгогодишен соработник за кого вели дека освен професионално го врзуваат и лични, пријателски врски.
– Ќе ми недостигаш пријателе! По 17 години умниот ученик стана фудбалски стручњак подготвен за успешна кариера на главен тренер. Ја почитувам твојата одлука бидејќи знам дека секогаш ќе бидеме заедно – нагласи тренерот на Јунајтед.
Во англиските медиуми Фарија се посочува како еден од можните наследници на Арсен Венгер на клупата на Арсенал, за што тој доби поддршка и од Мурињо, кој смета дека неговиот асистент има професионален капацитет да ја извршува функцијата.