Фото: Игор Бансколиев

Со триумф вечерва на гости кај Лихтенштајн (20.45 часот), Македонија останува во игра за освојување на местата во групата Ј што водат кон Мундијалот в година

Македонија вечерва против Лихтенштајн на стадионот „Рајнпарк“ во Вадуц (20.45 часот) ќе го игра можеби најважниот натпревар во квалификациската кампања за пласман на фудбалското Светско првенство (СП) во 2022 година во Катар.
Со победа, Македонија останува во игра за освојување на местата во групата Ј што водат кон СП. На Мундијалот в година ќе играат победниците на десетте квалификациски групи, а во баражот, за уште три места на СП, ќе настапат второпласираните од групите од квалификациите и две најдобри меѓу победниците на групите во Лигата на нациите, а кои не обезбедиле директен пласман на СП 2022 или биле втори во квалификациите.
Македонија има поквалитетен тим и подобри индивидуалци, на сите позиции. Згора на тоа и традицијата е на страната на Македонија, иако тоа не мора ништо да значи. На досегашните 10 меча со Лихтенштајн, Македонија забележа девет победи, со само едно реми и вкупна гол-разлика 38-5. По шесте кола во групата Ј, Македонија е четврта со девет бода, со две победи, три ремија и еден пораз, со вкупна гол-разлика 11-6. Пет од тие 11 гола, Македонија ги постигна на мечот со Лихтенштајн во Скопје во март годинава. Вкупно девет гола, Македонија постигна на првите три меча, петте на Лихтенштајн и по два на средбите со Романија (2-3) и со Германија (2-1). На двата есенски меча дома, Македонија одигра без голови со Романија и со Ерменија, а на гости со Исланд беше 2-2. Лихтенштајн, кој е последен во групата Ј со еден бод, на хартија можеби е аутсајдер, но треба да се има предвид дека на гостувањето во септември кај репрезентацијата на Ерменија одигра нерешено, 1-1 и воопшто не треба да се потцени.

– Мораме да бидеме подобри во реализацијата, тоа ни недостигаше на натпреварите во септември. Секој фудбалер треба да биде максимално концентриран, иако јас немам забелешки за тоа што го покажаа на теренот. Не сакам да правам калкулации, мора да дадеме максимум за да го добиеме овој дуел – вели селекторот Благоја Милевски.
Македонската фудбалска експедиција од завчера е во Лихтенштајн каде што одработи два тренинга пред натпреварот. Ново име во македонската репрезентација е Ердал Ракип, фудбалерот од средниот ред на шведски Малме.
– За мене е голема чест што добив покана да играм за репрезентацијата на Македонија. Пред неколку години Благоја Милевски првпат ми понуди да играм за Македонија. Во тој период ми требаше време да размислам и донесов одлука дека сега е вистинскиот момент да прифатам. Македонија е домот на моето семејство и одлуката воопшто не беше тешка. Селекторот и соиграчите ми помагаат во адаптацијата на новата репрезентативна средина. Ги гледав последните натпревари на македонската репрезентација, видов дека игра добар фудбал, во тимот има многу млади фудбалери, кои формираат одлична екипа. Оваа репрезентација ќе напредува секоја наредна година, ништо не доаѓа веднаш. Тимот е млад и желен за докажување – вели Ракип за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Фокусот е на натпреварот со Лихтенштајн, но клучно е тимот секогаш да се стреми кон победа без разлика на противникот.
– Секој натпревар е тежок. Треба да се победи Лихтенштајн, а потоа нѐ очекува многу тежок меч на домашен терен против Германија. Во фудбалот секогаш има шанса за победа, но треба да се одигра максимално во текот на 90-те минути – вели Ракип.


ГРУПА Ј

Лихтенштајн – Македонија 20.45 ч.
Германија – Романија 20.45 ч.
Исланд – Ерменија 20.45 ч.

ТАБЕЛА
Германија 6 5 0 1 17-2 15
Ерменија 6 3 2 1 7-9 11
Романија 6 3 1 2 9-6 10
Македонија 6 2 3 1 11-6 9
Исланд 6 1 1 4 6-14 4
Лихтенштајн 6 0 1 5 2-15 1