ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (171)
Каракашев во 60-тите години од минатиот век беше еден од најдобрите македонски фудбалери, кој настапуваше за Брегалница и за Победа. Еден период престојуваше во Вардар, а две години играше за Баер од Ирдинген во Втората бундес-лига
Помладите љубители на фудбалот не го знаат, а постарите сигурно ќе се сетат кога ќе го споменам името на Петар Каракашев. Ќе се потсетат на минатите времиња, таму некаде во 60-тите години од минатиот век, кога токму тој, Каракашев, беше еден од столбовите на штипска Брегалница и на прилепска Победа. Вардаровите навивачи, пак, посакуваа тој да биде вардарец, да игра за нивниот клуб. Каракашев дојде и во Вардар, но не се задржа долго. Тогаш помина низ рацете на познатите тренери Илеш Шпиц и Антал Лика.
– Од нив имаше што да се научи. Жал ми е што не останав подолго во Вардар. Причина беше Брегалница, која постојано ме бараше и инсистираше да се вратам таму. Искрено, и мене љубовта ми беше кон Штип, па така повторно се најдов во средината во која ги доживеав најпријатните фудбалски мигови – се сеќава Каракашев.
ПОЧЕТОЦИ ВО ПОЛИН
Инаку, Петар Каракашев, како дојранец, нормално беше кариерата да ја почне во своето родно место. Главното собиралиште за децата од Нов Дојран што беа мераклии за фудбал беше ФК Полин. Игралиштето, кое денес е преуредено во мал стадион и го носи името на легендарниот голман Благоја Истатов, беше местото каде што младите дојранци ги правеа првите фудбалски чекори.
– Заиграв на 17-годишна возраст. Бев еден од најмладите првотимци на Полин, кој се натпреваруваше во потсојузната лига. Меѓутоа, со моите игри го привлеков вниманието на тренерите, особено по оној натпревар Полин – Брегалница, 1-1, па набргу дојде понуда да ја сменам средината и да заминам во штипската екипа, која играше значајна улога во македонскиот фудбал. Штип беше фудбалски центар во источниот регион, па не размислував и многу станав член на Брегалница. Морам да кажам дека овде ги поминав најубавите фудбалски години. Станав штипјанец, а Брегалница и денес ми е при срце. Не можам да ги заборавам годините поминати таму, кога, всушност, ја градев мојата фудбалска кариера – вели Каракашев.
Петар Каракашев десет години, со еден мал излет од неколку месеци во Вардар, ги бранеше боите на штипскиот клуб.
– Со Брегалница поминав од потсојузната, низ македонската, па до Втората мошне силна и респектабилна југословенска лига. Во тој период во Штип се создаде една квалитетна екипа, па добро би било да се потсетиме и на тој состав: Сејфулов, Иванов, Манушев, Хаџиев, Калапоцев, С. Џорлев, Желев, Јакимов, Петровски, Саздов и Каракашев – вели тој.
ПРВ СТРЕЛЕЦ НА БРЕГАЛНИЦА
Со своите голгетерски способности беше познат не само во Штип туку и во Македонија, а потоа, настапувајќи во Втората лига, и во поранешна Југославија. Каракашев стана една од ѕвездите на Брегалница, па благодарение на своите извонредни игри и голови се најде во тимот на столетието.
– Кога заиграв за Брегалница, веднаш ги манифестирав моите голгетерски способности. Постигнав повеќе од 200 гола – рече Каракашев.
Од сето ова може да се заклучи оти Петар Каракашев имаше еден фуриозен пробив меѓу стрелците. Од него почнаа да стравуваат сите голмани. Тој беше ударната игла на Брегалница, која во тој период го создаваше својот имиџ. Тогаш во составот, покрај Каракашев, беа и Ефремов, Ципушев, Мирасчиев, Миладинов, Петровски, Ржанков, Желев и Арсов, кој беше прогласен и за фудбалер на векот во Штип. Тренер на екипата беше Петар Пуриќ.
МИЛЕНИК И НА ПРИЛЕПЧАНИ
Во 60-тите години од минатиот век Македонија во Победа го имаше најстандардниот второлигаш. Прилепчаните секогаш беа на прагот на Првата лига. Слично како Вардар, и Победа беше привлечна за македонски фудбалери. Така и Каракашев се најде во редовите на прилепчани.
– Одличните игри ме одведоа во Вардар, за потоа, откако овде во силната конкуренција тешко можеше да се избори место во првата постава, ја прифатив понудата на луѓето во Прилеп и заминав во Победа. Победа, морам да кажам, беше нешто посебно. Ми се чини (тоа е и општ впечаток) дека ниту еден град во поранешната држава немаше толку верна публика, која ги исполнуваше трибините и од срце навиваше за својот тим. Во градот под Маркови Кули, кога ќе гостуваше некој од попознатите клубови, се создаваше вистинска еуфорија. Река народ се слеваше кон Градскиот стадион. За нас фудбалерите тоа беше стимул повеќе да го дадеме својот максимум и да им донесеме радост на верните навивачи – вели Каракашев.
Каракашев првиот гол за Победа го постигна во мечот со Сутјеска, кога никшиќаните во натпревар од Втората лига беа победени во Прилеп со 4-1.
– Бев весел што почнав и во Победа, нешто слично како и во Брегалница, да постигнувам голови. Публиката веднаш ме прифати и во Прилеп се чувствував како дома. Се сеќавам и на тимот од тоа време: Гически, Анески, Ципушев, Лашкоски, Бошкоски, Крстески, Атанасоски, Цветковиќ, Малинков, Каракашев и Јакимоски. Тренер ни беше поранешниот југословенски репрезентативец Моша Марјановиќ. Тоа беше едно незаборавно време – вели Каракашев.
Од игрите во Победа, покрај онаа со Сутјеска, се сеќава и на мечот со нишки Раднички.
– Победивме со 2-0, а двата гола ги постигнав јас. Бев уште посреќен што во два наврата го совладав Кнежевиќ, кој во тоа време беше еден од најдобрите југословенски голмани. Се сеќавам и на пријателскиот натпревар со Црвена звезда, кој се одигра пред повеќе од 20.000 гледачи на стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп. За радост на нашите симпатизери, победивме со 3-1, а јас бев стрелец на првиот гол. Го совладав репрезентативниот голман Вукичевиќ, и тој гол ми е еден од најмилите. Инаку, за Звезда тогаш играа Мелиќ, Дурковиќ, Тасиќ, Стипиќ, Маровиќ, Рудински и, за мене најдобриот фудбалер меѓу нив, Бранко Зебец. Покрај мене, стрелци на головите беа Атанасоски-Бикерес и Малинков. За Црвена звезда стрелец на голот беше Маровиќ – рече Каракашев.
Каракашев одигра многу натпревари за Победа, а потоа, пред да се врати во старото јато во Брегалница, замина на отслужување на воениот рок. Откако се врати од ЈНА, до 1967-та ги бранеше боите на штипјани. Тогаш, според прописите на ФСЈ, ја имаше надминато ламинарната старосна граница и можеше да замине во странство.
– Решив да одам во Баер од Ирдинген, за кој две сезони настапував во Втората бундес-лига. Откако се вратив, мојата кариера продолжи како тренер и фудбалер на Дојранско Езеро. Еден период бев и спортски дописник на „Нова Македонија“. Се занимавав и со угостителство, па мојата „Дојрана“ беше местото каде што се собираа сите фудбалски асови, кои со своите екипи доаѓаа на зимски подготовки во Дојран. Така и понатаму ги одржав контактите со спортскиот свет, со Шули, Часлав, Муто, Мето, Ицко Божинов, Арсов и сите други – ја завршува фудбалската приказна Петар Каракашев.
Сега, легендарниот голгетер своите пензионерски години ги поминува во Канада, но речиси секоја година доаѓа во Македонија. Тогаш се среќава со своите другари и поранешни колеги и евоцираат спомени за минатото.
Летна пауза до септември
Серијалот на Зоран Михајлов на страниците на „Нова Македонија“ за великаните на македонскиот спорт ќе паузира во текот на летниот период. Од септември читајте ги новите продолженија од репортерскиот бележник на доајенот на македонското спортско новинарство, секој понеделник, во прилогот на спортската рубрика.
Петар Каракашев
Роден: во 1937 година во Нов Дојран
Кариера: Полин (Дојранско Езеро), Брегалница, Вардар, Победа, Баер (Ирдинген)
Успеси: голгетер, во тимот на векот на нашиот фудбалски бренд Брегалница