Капитенот Горан Пандев го истакна дебито на Европското првенство како големо искуство за Македонија, нагласувајќи дека фудбалската репрезентација треба да одигра максимално во следниот дуел против Украина, по денешниот пораз од Австрија 1-3.
– Како за првпат и за прв натпревар, ова е големо искуство за нас. Не ги искористивме нашите шанси, а кога тие дадоа втор гол, натпреварот беше решен. Сега треба да се одмориме, да закрепнеме и да се подготвиме за тежок меч со Украина. Треба да одиграме максимално по овој прв пораз. Тој натпревар ќе биде уште поважен после овој резултат – кажа Пандев, заблагодарувајќи им се на навивачите кои ја бодреа репрезентацијата во Букурешт.
Селекторот Игор Ангеловски нагласи дека Македонија се насочува кон следниот дуел во кој ќе се обиде да не ги повтори грешките.
– Нормално е по пораз да има доза на разочарување. Имаше сегменти во играта со кои можеме да бидеме задоволни, но кога е загубите јасно е дека некаде сте згрешиле. Клучен беше голот на Грегорич, по кој не се опоравивме. Сега се насочуваме кон новиот меч за кој ни следува добра подготовка и да не ги повториме грешките – рече Ангеловски додавајќи дека е горд на неговите избраници бидејќи тоа се играчите кои го изборија пласманот на ЕП.
Македонија в четврток ќе се сретне со Украина во рамки на групата Ц, а во последното коло од групата фаза ќе игра против Холандија.