Интернационалната федерација за фудбалска историја и статистика почна да објавува рангирања на најсилните првенства во светот во 1991 година, кои се темелат на резултатите на најдобрите клубови од секоја земја (само по пет тима се земаат предвид) во домашните и во меѓународните натпреварувања

Од 2010 година шпанската прва фудбалска лига доминира во рангирањето на Интернационалната федерација за фудбалска историја и статистика (ИФФХС) за најсилните домашни првенства во светот. Деветта година едноподруго Шпанија е на врвот, откако е прва и на најновото рангирање, за 2018 година, сега и со голема предност. Според ИФФХС, Првата македонска лига е на 73-то место на листата на која се најсилните 80 домашни првенства во светот.

ИФФХС почна да објавува вакви рангирања во 1991 година, кои се темелат на резултатите на најдобрите клубови од секоја земја (само по пет тима се земаат предвид) во домашните и во меѓународните натпреварувања. Од објавувањето на првата листа шпанската Ла лига била прва 13 пати, италијанската Серија А десет пати, англиската Премиер-лига четири пати, а еднаш победила германската Бундес-лига.

 

 

 

 

Англиската Премиер-лига го задржа второто место, а бразилската Серија А со третото место во светот одново е најдобра во Јужна Америка. Колумбиската Примера (шеста во 2017 година) го зазеде четвртото место за 2018 година, пред италијанската Серија А и аргентинската Примера дивисион. Француската Лига 1, која беше трета во 2016 година, сега е на седмата позиција, пред германската Бундес-лига, која, пак, е на осмото место, најслабо од воведувањето на рангирањето во 1991 година. Големо изненадување е скокот на шкотската Премиер-лига, која напредна за 16 места и се најде на деветтото место и по 15 години се врати меѓу најдобрите десет домашни првенства во светот (10-та во 2003 година). Португалската Примера ја заокружува првата десетка на светската листа на ИФФХС.

Во Африка, според ИФФХС, најдобра лига е таа на Мароко, пред првенството на Тунис, кое пет години беше на првото место, и на ДР Конго, кој, пак, скокна 30 места во однос на рангирањето за 2017 година. Во Азија на врвот е шампионатот на Јужна Кореја, првпат по 2011 година, а потоа следуваат првенствата на Катар (вкупно 32 места подобро отколку во 2017 година, сега е на 71-то на светската листа) и на Кина.

Мексиканската лига е најдобра во Северна Америка, велат од ИФФХС, но веќе не е меѓу најдобрите 20 во светот (сега е на 26-то место), првпат од 1999 година, кога беше на 21-то место. На тој континент потоа следуваат првенствата на Костарика и на Гватемала. Во Океанија на врвот е шампионатот на Нов Зеланд, пред Тахити и Нова Каледонија.