ФИФА вели дека е „исклучително задоволна од нивото на судењето и од успешната имплементација на системот видеопомошник-судија“. На СП ќе има уште многу натпревари, ќе има „спорни“ ситуации, задоволни и лути, во зависност од одлуките, но факт е дека ВАР им е од голема помош на судиите
За „поправедно Светско првенство (СП), за подобро однесување на фудбалерите и за намалување на мобингот врз судиите“, беа најавите при воведувањето на системот видеопомошник-судија (ВАР) на СП 2018. По употребата главно оцените се позитивни иако има и некои забелешки за одредени пропусти на судиите, како на теренот, така и во студиото на ВАР.
Во почетокот од турнирот, во првата фаза, на 17 натпревари беа досудени 10 пенали од кои четири по „директива“ од ВАР. Од Светската фудбалска федерација (ФИФА) велат дека се „исклучително задоволни од нивото на судење и од успешната имплементација на системот ВАР. Однесувањето на фудбалерите е одлично, со само еден црвен картон и со низок просек на жолти картони и мал притисок врз судиите“.
Французинот Антоан Гризман ќе биде запишан во историјата на СП како прв фудбалер што постигнал гол (од пенал во 54-та минута на мечот против Австралија, 2-1) по интервенција на ВАР. Мислењата за ситуацијата кога судијата прво не досуди пенал, а потоа ја преиначи одлуката по сугестијата на ВАР, се поделени, од тоа дека згрешил главниот судија, дека ВАР не е во право итн.
На мечот Англија – Тунис (2-1) имаше неколку спорни ситуации. Тунижаните постигнаа гол од пенал, по прекршокот на Кајл Вокер, но пропуштија да го сторат истото тоа кога во два наврата Тунижаните во 16-те метри го фаулираа Хари Кејн со боречки зафати. Слична забелешка имаа и Бразилците на мечот против Швајцарија (1-1) сметајќи дека Миранда бил фаулиран при постигнувањето на израмнувачкиот гол на Стефан Цубер. Бразилците се лутат и поради недосудениот пенал по фаулот над Габриел Жезус во второто полувреме, кој остана нерегистриран од ВАР.
До крајот на СП има уште многу натпревари, ќе има „спорни“ ситуации, задоволни и лути, во зависност од судиските одлуки, но факт е дека ВАР им е од голема помош на судиите, и, барем засега, ниту една нивна одлука драстично не е ѝ наштетила на која било селекција, како што повеќепати се има случувано на некои од минатите СП. На тековното СП често се случуваше помошните судии да не го креваат знаменцето во ситуации кога не се 100 отсто сигурни дека постои офсајд-позиција.
– Тоа не е никаква новина, такво нешто се практикува последните пет-шест години. Судиите имаат инструкции да сигнализираат офсајд само кога ситуацијата е кристално јасна, во спротивно дозволуваат играта да продолжи. Тоа е направено за да нема непотребни прекини, да се подобри ефикасноста, се разбира ако евентуално потоа се даде нерегуларен гол тој може да се поништи. Што се однесува до квалитетот на прикажаниот фудбал генерално тој е на задоволително ниво. Јас сум навивач на Бразил, верувам дека тие ќе ги подобрат играта и ефикасноста на следните натпревари. Од европските селекции фаворит ми е Белгија, имаат одлични фудбалери и посакувам да стигнат до завршницата – вели Емил Божиновски, поранешен интернационален фудбалски судија со значката на ФИФА, сега инструктор.
Божиновски: Направен е голем, позитивен чекор напред
За мене воведувањето на ВАР се покажа оправдано, а тоа беше грешките на судиите да се сведат на минимум. Тоа беше и главната цел на оваа технологија. Уште постојат некои ситни пропусти, кои не влијаат на динамиката на играта што сигурно во скоро време ќе се надминат. Лично бев по малку скептик по ланското пробно користење на ВАР на Купот на конфедерациите кога имаше големи паузи, постоеше мала конфузија, но сега е направен голем, позитивен чекор напред. На некои мечеви дури ми се чинеше како судиите да се поквалитетни и од самиот натпревар, што вкупно е добро за сите, вели Емил Божиновски, поранешен интернационален фудбалски судија со значката на ФИФА, сега инструктор.