Покрај Педри, кого го сметаат за симбол на иднината на Барселона, откупна клаузула од една милијарда евра има одредено и Реал Мадрид за Карим Бензема

ФУДБАЛ

Играчот од средниот ред на Барселона, Педри (18), го продолжи договорот до 2026 година во кој е вклучена клаузула за откуп од една милијарда евра, објави клубот, пренесува „Би-би-си“.
Педри отиде во Барселона од Лас Палмас во август 2020 година и минатата сезона одигра 53 меча, најмногу од сите играчи. Тој беше и дел од репрезентацијата на Шпанија што стигна до полуфиналето на Европското првенство (ЕП) 2020. Селекторот на Шпанија, Луис Енрике, го започнуваше секој меч со Педри во тимот, а тој одигра импресивно на меѓународната сцена, што резултира со негов избор во најдобриот тим на турнирот. Педри исто така ѝ помогна на Шпанија да го освои олимпиското сребро во Токио, која во финалето загуби од Бразил. Сезонава Педри одигра четири меча за Барселона, која е седма во Ла лига и на дното во групата во Лигата на шампионите (ЛШ).
Покрај Педри, кого го сметаат за симбол на иднината на Барселона, откупна клаузула од една милијарда евра има одредено и Реал Мадрид за Карим Бензема.
Договорот Педри – Барселона е и знак на доверба меѓу двете страни. За Педри беа заинтересирани и други клубови, така Реал Мадрид можеше да го има, но кога бил таму на проба, стручњаците за процена на „кралевите“ мислеле дека е премногу низок и слаб, по што тој завршил во Лас Палмас. Барселона се надева дека следен што ќе го продолжи договорот е Ансу Фати, а потоа и Гави.