Сезоната 2019/2020 во шпанската фудбалска Ла лига нема да биде откажана поради пандемијата на коронавирусот затоа што тоа би значело загуба од една милијарда евра, им изјави на шпанските новинари на видеоконференција претседателот на лигата Хавиер Тебас. Според Тебас, сезоната во Шпанија не смее да се поништи поради финансиските последици.
Тој, исто така, потврди дека Ла лига го идентификувала 28 мај, или првиот викенд од јуни, како работен датум за продолжување на првенството. Тебас додаде и дека сезоната ќе биде завршена, најверојатно без публика. Такво нешто значи дека загубите би биле сведени на 350 милиони евра.
Англиската Премиер-лига, исто така, би можела да загуби над една милијарда фунти (1,15 милијарда евра) доколку не заврши сезоната. Најмногу од тие пари во клубовите доаѓаат од доходните ТВ-права, од спонзорските и од комерцијалните зделки, како и од заработката од продажба на билетите и другите дејности во деновите на одигрување на натпреварите.