Ајакс, Базел, Мелбурн сити, Њујорк сити, Пари сен Жермен, Спортинг, Вердер и Вулверхемптон ќе имаат свои играчи на е-СП во најновата верзија на видеоиграта „ФИФА 19“, во Лондон, каде што новиот првак ќе освои 250.000 долари
Осум професионални фудбалски клуба ќе бидат претставени на е-Светското првенство (СП) на Светската фудбалска федерација (ФИФА) и на „ЕА-спортс“ во Лондон (арена „О2“) од утре до недела, објави ФИФА. Тоа се Ајакс, Базел, Мелбурн сити, Њујорк сити, Пари сен Жермен, Спортинг, Вердер и Вулверхемптон. На 15-то е-СП ќе настапат 32 играчи, кои ќе се натпреваруваат во најновата верзија на видеоиграта „ФИФА 19“, на играчките конзоли „екс-бокс“ и „сони-плејстејшн“.
ФИФА објави и други интересни бројки пред е-мундијалот, на кој титулата ќе ја брани Мосад Алдосари од Саудиска Арабија и кој ќе се обиде да стане првиот што две години по ред ја освојува титулата. Досега по вкупно две титули имаат Шпанецот Алфонсо Рамос и Французинот Брус Гранек.
Вкупниот награден фонд е 500.000 долари (сто илјади повеќе од лани), новиот шампион ќе освои 250.000 долари, а финалистот 100.000 долари. Најмладиот учесник има 16 години, шампионите досега биле од девет земји, и тоа од Данска, Англија, Франција, Саудиска Арабија, Шпанија, Бразил, Холандија, Португалија и од САД. На ова е-СП шанса како 10-та земја да се запише на шампионската листа ќе имаат Аргентина, Австралија, Белгија, Канада, Колумбија и Германија, објави ФИФА.
Играчите се поделени во четири групи, по две на „екс-бокс“ и на „сони-плејстејшн“. По седумте кола од секоја група во осминафиналето одат по четворица најдобри, а потоа во полуфиналето ќе се најдат по двајца најдобри на секоја играчка платформа. Победниците ќе се пласираат во финалето, во кое ќе се играат два меча, по еден на секоја конзола, за да се добие новиот светски првак.