ФУДБАЛ – ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ДОМАШНИТЕ ПРВЕНСТВА
Едно место е резервирано за победникот на Лига Европа, а уште шест за најдобрите од квалификациите
По завршувањето на сезоните во домашните фудбалски првенства во Европа, познати се 25 од 26-те директни учесници во групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ) за идната сезона. Тој 26-ти тим вообичаено е наменет за победникот на Лига Европа (ЛЕ).
Така, како 26-ти, во ЛШ може да игра Вилјареал (седмопласиран во Шпанија), ако победи во финалето утре во ЛЕ со Манчестер јунајтед (Англија). Ако, пак, во мечот за трофејот во ЛЕ победи Манчестер јунајтед, тогаш во групната фаза на ЛШ ќе настапи Монако (третопласиран во Франција), бидејќи пласманот во ЛШ Манчестер јунајтед веќе го обезбеди преку англиското првенство (го освои второто место) и, според правилата на Европската фудбалска унија (УЕФА), своето место како евентуален победник ќе ѝ го отстапи на петтата земја на ранг-листата на УЕФА, Франција (тоа е Монако), пишува УЕФА на својата интернет-страница.
Во однос на сезонава, која ќе кулминира в сабота со финалето Манчестер сити – Челси, и во следната во ЛШ ќе играат истите англиски екипи (уште и Манчестер јунајтед и Ливерпул). И од Шпанија истата четворка ќе игра и во новата сезона (Атлетико Мадрид, Реал Мадрид, Барселона и Севилја). Од Германија настап обезбедија Баерн, Лајпциг, Борусија Дортмунд и Волфсбург (лани Борусија Менхенгладбах), а и во Италија има една измена и ќе играат Интер, Милан, Аталанта и Јувентус. Од Франција се пласираа Лил и ПСЖ (лани ПСЖ, Рен и Марсеј). Учество во групната фаза за идната сезона обезбедија и Порто, Ајакс, Зенит, Бешикташ, Бриж, Спортинг и Динамо Киев, а од квалификациите во групната фаза ќе се пласираат уште шест клуба.