Привремениот објект што ќе биде изграден на паркингот околу стадионот ќе има 400 легла и ќе биде еден од осумте такви објекти низ државата Рио де Жанеиро во борбата против коронавирусот
Камиони и работници се преселиле на славниот фудбалски стадион „Маракана“ во Рио де Жанеиро (Бразил) за да почнат со изградба на теренска болница за пациентите заразени од коронавирусот, јави „Ројтерс“. Објектот што ќе биде изграден на паркингот околу стадионот, кој е со капацитет од 80.000 места, ќе има 400 легла и ќе биде еден од осумте привремени објекти низ државата Рио де Жанеиро во борбата против коронавирусот.
Официјални лица изјавија дека сакале да го зачуваат теренот на „Маракана“, и затоа ќе градат на други места околу него. „Маракана“ е еден од најпознатите фудбалски стадиони во светот, на кој се играше финалето на светските првенства (СП) во 1950 и во 2014 година и на кој се одржаа церемониите на отворање и на затворање на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2016 година. „Маракана“ е еден од неколкуте фудбалски стадиони низ Бразил што ќе се користат за оваа намена. Стадионот „Пакембу“ во Сао Паоло ја почна изградбата на теренска болница на теренот каде што играат клубовите Коринтијанс и Сантос, а за истата намена ќе се користи и националниот стадион во Бразилија.