Младиот, 20-годишен француски интернационалец, Килијан Мбапе, напаѓачот на ПСЖ на фудбалскиот пазар вреди 218,5 милиони евра, објави фудбалската опсерваторија на Центарот за интернационални спортски студии (ЦИЕС). На најновата листа на најскапи фудбалери се наоѓаат 27 имиња, кои чинат 100 и повеќе милиони евра.
Моментно двајцата најдобри светски фудбалери, Аргентинецот Лионел Меси (32) од Барселона и Португалецот Кристијано Роналдо (34), играчот на Јувентус, не се на водечките позиции, ниту при врвот, најмногу поради поодминатите фудбалски години. Меси е седми (171,2), а Роналдо 19-ти на таа листа со вредност од 127,2 милиони евра.
ЦИЕС ваквата процена ја прави од 2010 година и предвид ги има играчите (100) од петте најквалитетните лиги во Европа, од Англија, Шпанија, Италија, Германија и од Франција. При процената одлучувачки се годините, позицијата, тимот за кој настапува фудбалерот и друго. Оттаму, младите фудбалери доминираат на листата, предводени од Мбапе, кој моментално најмногу вреди, а над 200 милиони (200,3) вреди само уште еден фудбалер, Англичанецот Хари Кејн од Тотенхем.
ЦИЕС објави и анализа со листа на фудбалери за разликата од моментната претпоставена вредност и платената за ангажманот на фудбалерите во минатиот летен преоден рок. На врвот на листа на ЦИЕС за фудбалери за кои е платено обесштетување е Родри Хернандез од Атлетико Мадрид (пристигна од Вилјареал) со плус од 45 милиони евра, пред Лукас Тореира (плус 44) од Арсенал, а на листата на трансфери на слободни играчи на врвот е Емре Џан од Јувентус со плус од 45 милиони евра. Јувентус и Ливерпул се единствените со по три нови фудбалери на листата на која има 20 играчи. ЦИЕС објави дека претпоставената вредност на играчите се пресметува со сопствен специјален алгоритам.