Шансите за пласман на ЕП 2020 низ квалификациите се теоретски, но Македонија има обезбедено место во полуфиналето на Лигата на нациите, лига Д, од каде што вкупниот победник ќе игра на континенталното првенство в година

Македонската репрезентација загуби од Полска со 0-2 на гости во квалификацискиот меч за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, во Варшава, и речиси ги загуби шансите за пласман на континенталното првенство. На две кола до крајот на циклусот квалификации, Македонија е трета, со 11 бода, пет помалку од второпласираната Австрија.

На ЕП ќе играат по две првопласирани селекции од секоја од десетте групи. Македонија во 9. коло гостува кај Австрија (без Илија Несторовски и без Бобан Николов, кои ќе паузираат поради жолти картони), а потоа игра дома со Израел. Австрија, пак, во 10. коло се среќава на гости со Летонија.

Во овој циклус, во кој како никогаш досега на неколку кола пред крајот македонската селекција е во игра за директен пласман на големо натпреварување, црвено-жолтите досега освоија 11 бода, што засега е најдобар процент на освоени бодови од можните (45,8 отсто), во споредба со сите досегашни циклуси за пласман на европските и на светските првенства.
Македонија пред ждрепката беше во петтиот барабан, но по осум кола во групата е пласирана пред Словенија (четврти барабан) и пред Израел (трет барабан). Згора, како потврда на одличните квалификации, Македонија не загуби од тие две селекции, откако досега има една победа дома и две ремија на гости, сигурно двапати ја победи репрезентацијата од шестиот барабан, а загуби само од фаворитите.

Ако не се пласира на ЕП 2020 низ квалификациите, Македонија ќе настапи во март в година во полуфиналето од Лигата на нациите, лига Д, од каде што вкупниот победник ќе игра на ЕП в година. Од лига Д сигурни учесници во полуфиналето се Грузија и Белорусија, кои немаат шанси за пласман на ЕП 2020 преку квалификациите.
Полска победи со головите на Франковски и на Милик, кои влегоа во игра во второто полувреме, и со овие три бода обезбеди настап на ЕП 2020, заедно со до неделата пласираните Белгија, Италија и Русија. Македонската селекција имаше шанси за голови, но во вториот дел Полска создаде повеќе шанси, а постигна и два гола, по претходно двете погодени стативи во текот на мечот.

Стрелци: Франковски во 74. минута и Милик во 80. минута. Жолти картони: Беднарек, Шимански, Реца, Пандев, Николов, Несторовски, Спировски, Алиоски, Муслиу. Стадион во Варшава. Гледачи: 55.000. Судија: Антонио Лахос (Шпанија).
ПОЛСКА: Шчесни, Бережински, Глик, Беднарек, Реца, Горалски, Круховјак, Гросицки (од 74. минута Франковски), Зијелински (90. Пјонтек), Шимански (68. Милик), Левандовски. Селектор: Јиржи Брзечек.

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски (81. Радески), Муслиу, Ристевски, Бејтулаи, Николов (88. Стоилов), Спировски, Алиоски, Пандев, Елмас, Несторовски (74. Трајковски). Селектор: Игор Ангеловски.


ГРУПА Г
Полска – Македонија 2-0
Словенија – Австрија 0-1
Израел – Летонија 20.45 ч.
ТАБЕЛА
Полска 8 6 1 1 13-2 19
Австрија 8 5 1 2 17-7 16
Македонија 8 3 2 3 10-11 11
Словенија 8 3 2 3 13-8 11
Израел 7 2 2 3 12-14 8
Летонија 7 0 0 7 1-24 0
Идно коло: Австрија – Македонија, Словенија – Летонија, Израел – Полска.