По седумте меча, Јунајтед има само три победи, три ремија и еден пораз, 10 од вкупно 21 освоен бод, со негативна гол-разлика, 10-12, што е најлош првенствен старт по 1989/1990
Само 10 поени во првите седум натпревари е најлошиот првенствен старт на Манчестер јунајтед по 1989/1990, кога избраниците на Алекс Фергусон на седумте меча претрпеа четири порази и имаа освоено само седум бода. Сезонава, по седумте меча Јунајтед под водство на Жозе Мурињо, е 10-ти на табелата, има само три победи, три ремија и еден пораз, 10 освоени од вкупно 21 бод, со негативна гол-разлика, 10-12. Ист број поени (10), на стартот од сезоната 2013/2014 имаше и Дејвид Мојс, но со подобра гол-разлика.
Но сегашната ситуација во која се наоѓа Мурињо изгледа многу позагрижувачки од онаа на Фергусон. Доколку сака да ги подобри игрите и резултатите, зад него ќе треба да застане целиот тим, кој ќе се бори максимално од првата до 90-та минута. Судејќи според мечот со Вест Хем (1-3), тој е милион милји од добивањето такво нешто од овие играчи. Мурињо има многу проблеми, како на теренот, со изборот на играчите и на тактиката, така и надвор од него, со недоразбирањата со некои играчи, кои кулминираа деновиве со отворената кавга со Пол Погба. Претходно Мурињо јавно се конфронтира и со Лук Шо, со Ентони Марсијал, со Ерик Баија, со Маркус Рашфорд и други, како на пример со вториот човек во клубот, Ед Вудворд.
Проблемите на Мурињо се подлабоки отколку недоразбирањето со Погба. Очигледно е дека тој ја „губи соблекувалната“, повеќемина фудбалери не играат за него, едногласни се поранешните врвни фудбалери, сега во улога на коментатори, меѓу кои е и центархалфот од славните денови на Манчестер Ј., Рио Фердинанд.
– Проблемот не е само во Погба, тој не е осамен во незадоволството, мислам дека има поголема група зад него. Она за што е платен менаџерот е да диктира што и како да прават фудбалерите и да се осигури дека тој е главниот – вели Фердинанд, додавајќи оти верува дека Погба им ги пренесува ставовите на другите играчи.
Дека во тоа што го говори Фердинанд има многу вистина покажуваат игрите, резултатите и однесувањето на фудбалерите, кои со ништо не покажуваат дека се подготвени да „загинат“ за менаџерот и за клубот. Мурињо, од своја страна, со својствената ароганција, не прави ништо за да ја смири ситуацијата и колку-толку да ги поврати довербата и поддршката кај фудбалерите.
Мурињо, кој е познат по способноста да најде излез од вакви и слични ситуации одвраќајќи го вниманието од проблемите со добрите резултати, повеќе не може да го прикрие фактот дека работите одат во многу погрешна насока.
По сѐ изгледа многу е извесно дека Мурињо нема да потрае премногу долго на клупата на Јунајтед и е првиот фаворит во обложувачниците за добивање отказ. Не се знае само кога ќе му биде врачен – денеска, утре, идната недела, идниот месец, до крајот на сезоната? Манчестер јунајтед е глобален бренд, кој прави многу пари, но на теренот губи од медиокритетски тимови. Резултатите и игрите се никакви, нема раководство, нема лидерство, нема квалитет и треба итно да се интервенира, едногласни се коментаторите.