Со процените ќе почнеме наредните денови, но најверојатно ќе се оди до стотици милиони евра. Одложувањето на ЕП 2020 скапо ја чини УЕФА, но ќе дадеме сѐ од себе да го осигуриме натамошното финансирање на т.н. грасрут-програми, женскиот фудбал и воопшто развојот на фудбалот во сите 55 земји-членки, изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин
АЛЕКСАНДЕР ЧЕФЕРИН, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УЕФА
Европската фудбалска унија (УЕФА) го одложи Европското првенство (ЕП) годинава за следното лето за да се справи со нарушениот фудбалски календар во националните шампионати, предизвикан од пандемијата на коронавирусот. Новите датуми на ЕП 2021 се од 11 јуни до 11 јули, за што се согласија сите 55 земји-членки на УЕФА.
УЕФА, Европската клупска асоцијација (ЕКА), европските лиги и синдикатот на играчи ФИФ-про потпишаа заедничка резолуција со која се обврзаа да ги завршат сите домашни и европски клупски натпреварувања до 30 јуни, „доколку ситуацијата се подобри и играњето натпревари биде примерено и разборито“. Во случај клупската сезона да не биде завршена до крајот на јуни, квалификациските рунди за Лигата на шампионите и за Лига Европа за следната сезона би можеле да претрпат измени.
За да се испочитува распоредот, натпреварите во домашните првенства би можеле да се играат и во средината на неделата, а натпреварите во рамките на УЕФА за време на викендите.
Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, призна дека одложувањето на ЕП 2020 ги „чинело скапо“, но и дека потенцијалното играње натпревари зад затворени врати било нешто за што УЕФА не сакала воопшто да размислува.
– Имаше вистински дух на соработка, сите сфатија дека мора да жртвуваат нешто за да се постигнат најдобри резултати. Важно беше дека УЕФА го водеше процесот и ја направи најголемата жртва. Одложувањето на ЕП 2020 скапо ја чини УЕФА, но ќе дадеме сѐ од себе да го осигуриме натамошното финансирање на т.н. грасрут-програми, женскиот фудбал и воопшто развојот на фудбалот во сите 55 земји-членки – изјави Чеферин.
Чеферин беше прашан и за тоа колкава ќе биде загубата на УЕФА поради одложувањето на ЕП и промената на распоредот на европските клупски натпревари.
– Со процените ќе почнеме наредните денови, но најверојатно ќе се оди до стотици милиони евра. Видов некои лажни вести деновиве дека сме ги условиле лигите и клубовите да ни платат 300 милиони за одложување на ЕП. Можам да кажам дека тоа е целосна бесмислица. Не баравме ништо од нив да платат како услов за одложувањето. Јас би рекол дека ова е најголемата криза со која се соочил фудбалот во историјата, но, исто така, е можност да се ресетираат некои работи и да се постават поинаку. Искрено, јас сум оптимист за иднината. Ќе мора да бидеме малку претпазливи во почетокот, но способни сме да се вратиме – ја пренесе „Асошиејтед прес“ изјавата на Чеферин.