Мејсон, поранешен фудбалер на Тотенхем, Хал и репрезентативец на Англија, кој поради скршеница на черепот предвреме ја заврши својата кариера, предлага децата под 11 години техниката за удирање топка со глава да ја учат со топки од сунѓер
Поранешниот фудбалер на Тотенхем, Хал и репрезентативец на Англија, Рајан Мејсон (27), кој поради скршеница на черепот за време на воздушен дуел на меч со Челси предвреме ја заврши својата кариера (во февруари 2018), повторно ја отвори темата со која се повикува да им се забрани на децата фудбалери да удираат топка со глава. Неговиот предлог за забрана во Англија би бил сличен на правилникот во САД, со кој се забранува деца помлади од 11 години да удираат топка со глава, со ограничување, кое би било за деца од 11 до 13 години.
– Ако на тренинг имате дете од седум-осум години и тоа треба да удира топка со глава, тоа потенцијално би можело да направи сериозни оштетувања, бидејќи ниту неговиот мозок ниту коските на черепот не се доволно развиени за да го издржат тој напор – изјавил Мејсон за Би-би-си.
Негов предлог е децата под 11 години техниката за удирање топка со глава да ја учат со топки од сунѓер, наместо со фудбалски.
– Често на тренинг гледам деца како со чело ја удираат топката, а држењето на вратот и на главата поради притисокот од тежината на топката им се погрешни. Затоа сметам дека техниката за удирање топка со глава децата треба да ја учат со топки од сунѓер – смета Мејсон, кој сега е тренер на младинскиот тим на Тотенхем.
Фудбалската асоцијација (ФА), пак, вели дека е посветена на истражување и испитување на сите облици од кои може да дојде до повреди на главата на фудбалерите за време на играта, вклучувајќи ги и долгорочните ефекти врз играчите.
– Почнавме сеопфатни и ригорозни истражувања во оваа област, во соработка со фондацијата „Дрејк“ и со Професионалната фудбалска асоцијација, кои во моментов се во тек. Овие истражувања ќе помогнат да се утврди дали постојат или не постојат ризици поврзани со удирањето топката со глава – изјавил портпаролот на ФА за Би-би-си.
Акцијата на ФА ја следи кампањата на семејството на поранешниот напаѓач на Вест Бромвич и репрезентативец на Англија, Џеф Астл, кој почина во 2002 година на 59 години како последица на повредите на главата и мозокот добиени поради неговите чести воздушни дуели и удари на топката со глава, кои тој често ги опишувал како удар во вреќа со тули.