Истражувањето на експертите од Универзитетот во Глазгов покажало дека удирањето топка со глава може да биде поврзано со повреди на мозокот, по што се најавува дека Шкотска, прва во Европа, ќе забрани децата да играат фудбал со глава

Шкотска можеби ќе стане првата земја во Европа што ќе им забрани на децата фудбалери до 12 години да ја удираат топката со глава, по извештајот што го поврзува овој спорт со деменција. Најнови истражувања покажуваат дека за поранешните професионални фудбалери веројатноста да починат од деменција е три и пол пати поголема отколку за луѓето на иста возраст меѓу општата популација, покажало истражувањето на експерти од Универзитетот во Глазгов, Шкотска. Забраната за деца да играат фудбал со глава е во сила во САД од 2014 година.

Студијата почна по тврдењата дека поранешниот напаѓач на ВБА, Џеф Астл, починал поради траума на главата. Истражувачите ги разгледувале медицинските досиеја на повеќе од 7.600 мажи, кои играле професионално во Шкотска и биле родени во периодот од 1900 до 1976 година. Нивните записи биле споредувани со повеќе од 23.000 луѓе од општата популација, пишува „Телеграф“. Истражувањата почнале во јануари минатата година од консултантот и невропатолог д-р Вили Стјуарт.

– Ризикот се движеше од петкратно зголемување на опасноста од Алцхајмерова болест, преку приближно четирикратно зголемување на моторното невронско заболување, до двојно поголема опасност за добивање Паркинсова болест кај поранешни професионални фудбалери во споредба со обичната популација. Ова е најобемната студија до денес за зачестеноста на невродегенеративните заболувања во кој било спорт, не само кај професионалните фудбалери. Нашите податоци покажуваат дека кај поранешни фудбалери има повисоки стапки на деменција, но смртноста поради други големи болести е пониска. Мора да се вложат напори да се идентификуваат факторите што придонесуваат за зголемениот ризик од невродегенеративно заболување за да се овозможи овој ризик да се намали. Но постојат и пошироки потенцијални здравствени придобивки од играњето фудбал што треба да се земат предвид – вели Стјуарт.

Во врска со наодите од истражувањето повеќе засегнати страни рекоа дека се потребни повеќе истражувања.

– Сите во овој спорт мора да сфатат дека ова е само почеток и оти има многу прашања на кои треба да се одговори. Важно е глобалното фудбалско семејство да се обедини, да ги пронајде одговорите и да обезбеди поголемо разбирање за овој комплексен проблем – вели претседателот на ФА на Англија, Грег Кларк.

Од добротворна организација „Хедвеј“ велат дека понатамошните истражувања треба да се фокусираат на современите, лесни фудбалски топки.

– Ја поздравуваме работата на д-р Стјуарт и на неговиот тим, но оваа студија остави многу прашања без одговор. Знаевме дека постои врска помеѓу кумулативниот ефект на повторените удари во главата, како оние од кои страдаат боксерите, и дегенеративните невролошки состојби како што е деменцијата. Фактот што оваа долгоочекувана студија идентификува врска со поранешните фудбалери, без сомнение ќе доведе до прашања за тоа како сето тоа ќе влијае врз модерниот фудбал. Од витално значење е ова истражување да продолжи, со посебен фокус на лесните фудбалски топки – велат од „Хедвеј“. 


Еднаш неделно тренинг за игра со глава

Д-р Џон Меклин, главен медицински консултант на Шкотската фудбалска асоцијација (ШФА), минатата недела, за Би-би-си Шкотска, изјави дека сака да види чекори за намалување на „оптоварувањето на младите играчи“.
– Преку работа со ШФА и со УЕФА почнавме да составуваме неколку упатства, некои едноставни работи, како што се ограничување на тренингот за игра со глава за млади играчи, можеби на една сесија неделно, за да се овозможи мозокот да закрепне – ја пренесе британскиот „Телеграф“ изјавата на Меклин.
Некои експерти за повреди на мозокот се уште поригорозни и се за тоа забраната да се однесува за младите фудбалери до 18-годишна возраст. Постојат и други фактори, кои теоретски треба да го намалат удирањето на топката со глава кај младите играчи, како што се помалите терени и намалениот број играчи, со што играта станува побрза. Во целина, фудбалот како спорт станува пософистициран, потпирајќи се помалку на долгите додавања и удирања со глава, како што беше во минатото.