Откако пред неполна година, целосно беа реновирани соблекувалните и останатите простории, деновиве во полн ек е поставување и на нови пластични столчиња на градскиот стадион во Кичево, кој со овие зафати се повеќе се доближува до стандардите неопходни да ги поседува секој фудбалски објект во земјава. Столчињата се со сина боја и се донација на ФФМ.
– Деновиве започна поставувањето на новите пластични столчиња на градскиот стадион во Кичево, донирани од страна на ФФМ. Столчињата ќе бидат монтирани во наредните десетина дена, со што градскиот стадион во Кичево ќе добие сосема поинаков, поубав изглед, а ќе се подобрат и условите за следење на натпреварите. Претходно, исто така, со донација од ФФМ, целосно беа реновирани соблекувалните и останатите простории на стадионот, со што овој објект се повеќе наликува на современо фудбалско здание – рече Марко Ристески, претседател на ОФС Кичево.
Тој најави и изградба на нов покрив на една трибина, со што условите за гледачите значително ќе се подобрат. Новиот покрив ќе биде изграден на источната трибина, по што кичевскиот стадион ќе може да организира и натпревари на помладите репрезентативни селекции.