Во моментов нема јасна слика за евентуален крај на суспензијата, но според еден план за вонредни ситуации изработен од УЕФА, домашните лиги би можеле да продолжат во јули и во август. Мечевите во Лигата на шампионите и во Лига Европа би продолжиле откако ќе завршат националните првенства
Европската фудбалска унија (УЕФА) за следната недела закажа уште една рунда разговори со европските фудбалски лидери, за наоѓање начин како да се продолжи суспендираната сезона што ја предизвика пандемијата на коронавирусот, објави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Извршниот комитет (ИК) на УЕФА на 23 април треба да одржи видеосостанок, кој ќе следува по одделните разговори што претходните денови ќе се направат со претставниците на 55 земји-членки на УЕФА, како и со официјалните претставници на клубовите, лигите и на синдикатите за играчи.
За УЕФА приоритет е комплетирањето на натпреварите во националните лиги и во куповите, со што би се стабилизирала европската фудбалска економија во поглед на исполнување на договорите за ТВ-правата вредни милијарди долари, пишува АП. Во моментов нема јасна слика за евентуален крај на суспензијата, но според еден план за вонредни ситуации изработен од УЕФА, домашните лиги би можеле да продолжат во јули и во август. Натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) би продолжиле откако ќе завршат националните првенства.
Белгија беше првата земја што прогласи крај на првенството, но потоа, откако следуваа закани од УЕФА за казни, белгиската федерација соопшти дека за конечната судбина на националната лига ќе се решава по состанокот наредната недела, истакнува „Асошиејтед прес“.
УЕФА не сака националните федерации да донесуваат избрзани одлуки за прекин на домашните сезона. Во заедничката изјава од пред две недели, со Европските лиги (ЕЛ) и со Европската клупска асоцијација (ЕКА), беше предупредено дека настапите на клубовите од тие земји во ЛШ ќе бидат доведени во прашање доколку лигите завршат прерано.
Од големите домашни првенства, Бундес-лигата во Германија е најблиску до враќање во акција откако играчите почнаа да тренираат, а во тек се и разговорите мечевите да продолжат во мај, без публика. Сепак, состанокот на клубовите во Бундес-лигата што требаше да се одржи утре, е одложен до 23 април, на истиот датум на кој ќе се сретне и раководството на УЕФА.
ИК на УЕФА во минатиот месец направи простор за потенцијален нов почеток на националните првенства со одложувањето на Европското првенство (ЕП) за следната година. Другите натпревари под ингеренција УЕФА, исто така, се погодени од ситуацијата, меѓу кои се квалификациите за СП 2022 што треба да започнат во март в година, како и финалниот турнир на Лигата на нациите (ЛН), чиј термин во јуни 2021 година ќе го заземе ЕП 2020.
Андоновски: Како и другите, ги чекаме инструкциите од УЕФА
Нема никакви новини за евентуално продолжување на сезоната. Ако се продолжи вонредната состојба ситуацијата уште повеќе ќе се усложни. Ние, како и другите национални федерации, ги чекаме инструкциите од Европската фудбалска унија, која најави санкции за тие што ќе ги прекршуваат нејзините препораки, вели Златко Андоновски, портпаролот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Некои инволвирани во македонскиот фудбал, тренери и спортски работници се за прекин, бидејќи, според нив, продолжувањето на првенството нема смисла, од здравствена, спортска и од финансиска гледна точка, а други имаат спротивни мислења, дека првенството треба да се заврши.
– Јас сум не сум за прекин, туку за доигрување на натпреварите. Фудбалерите можат во овој период самостојно да тренираат, да ја одржуваат формата, имаат време и начини, и потоа кога повторно ќе бидат заедно за кратко време можат да се уигруваат, па не се првпат заедно – вели Ѓоре Јовановски, поранешен истакнат фудбалер и тренер.