Работата на менаџерот е да избере стил, а потоа да осигури дека тој стил ќе му овозможи на неговиот тим да биде подобар од противниците и да ги постигне посакуваните резултати, вели Биелса, пренесува „Скај спорт“

ИНТЕРВЈУ – МАРСЕЛО БИЕЛСА, МЕНАЏЕР НА ЛИДС

По 22 натпревари во првата кампања во англиската Премиер-лига по 16 години, Лидс е поблиску до места што водат во фудбалската Лига на шампионите отколку до оние во зоната за испаѓање. Во интервју за „Скај спорт“, Аргентинецот Марсело Биелса, менаџерот на премиерлигашот Лидс, говори за стилот на игра што го негува, неговиот „високооктански пристап“ е возбудлив, Лидс брзо стана „тим фаворит“ за неутралните љубители на фудбалот, но секој неповолен резултат има тенденција повторно да ги поттикне прашањата во врска со методите на Биелса. Тој на тоа одговори во свој стил, минатата недела, кога на прес-конференција рече дека попрво би завршил на 12-то место а неговиот тим да игра добро, отколку да биде осми играјќи лошо. Коментарите беа дека тој повеќе го цени стилот на игра отколку резултатите, што го фрустрира Биелса, пишува „Скај спорт“.

– Многупати го кажував моето мислење за ова, но се чини дека малкумина го слушнаа или го запаметија. Она што го реков е дека играњето добро е најефективниот начин за постигнување добри резултати. Примерот што го дадов, да се биде подобропласиран додека играте лошо или да бидете во послаба позиција додека играте добро, обично не се случува во реалноста. Вообичаено тимовите што играат добро завршуваат на подобри позиции, а оние што играат полошо на полоши позиции. Како можам да ја игнорирам важноста на резултатите кога сите знаеме дека ако менаџерот нема добри резултати, ќе ја загуби работата. Не постои само еден начин да се игра добро, постојат различни начини. Но работата на менаџерот е да избере стил, а потоа да осигури дека тој стил ќе му овозможи на неговиот тим да биде подобар од противниците и да ги постигне посакуваните резултати – вели Биелса.
Биелса (65) е познат и по тоа што преку видеоматеријали прецизно ги проучувал противниците.
– Јас не анализирам опсесивно. Она што го правам, го прави секој менаџер во денешно време – истакнува тој.

Фудбалерите на Лидс имаат претрчано повеќе километри од своите противници на сите 22 натпревари во Премиер-лигата. На последните четири меча фудбалерите на Биелса истрчаа повеќе од четири километри од своите колеги. Слична е приказната и со бројката на спринтови. Лидс во просек има 168 спринта со висок интензитет по натпревар сезонава, 28 повеќе од која било друга екипа во Премиер-лигата. Постигнувањата на Лидс сезонава се уште поимпресивни со оглед на повредите на ланските засилувања Робин Кох, Диего Лјоренте и Родриго.
– Ова натпреварување е многу напорно и многуте натпревари предизвикуваат повреди. Имам група играчи што се приспособија на Премиер-лигата, а ја имаме и клупската академија, во која има млади талентирани играчи. Влијанието на менаџерот во развојот и подобрувањето на играчите е многу помало отколку што веруваат луѓето. На секој играч му треба стимул за да ги покажува постојано квалитетите, но прашање е како тој реагира на тој стимул. Играчите што се амбициозни, на тешкотиите да играат на повисоко ниво гледаат како на предизвик што можат да го надминат и да се приспособат – вели Биелса.