Годините поминуваат, турнирите поминуваат, фудбалерите поминуваат низ репрезентацијата, а Лионел Меси (32) уште не може да освои трофеј со Аргентина, дури ниту оној на Копа Америка, пишува аргентинскиот весник „Кларин“ по елиминацијата на „гаучосите“ од Бразил (0-2) во полуфиналето на континенталното натпреварување на Јужна Америка.
Меси не прикажа партија како оние во дресот на Барселона. Неговиот удар во рамката на голот во второто полувреме можеше да ја смени приказната, но приказната секогаш останува иста.
Прашање е уште колку долго првата ѕвезда на Аргентина ќе се обидува да стигне до трофеј со репрезентацијата, бидејќи на претстојното Светско првенство во Катар ќе има 35 години.
Бразил дојде до триумфот со головите на Габриел Жесус во 19-та минута и на Роберто Фирмино во 71-та минута. Домаќинот во финалето ќе игра против победникот од мечот помеѓу Чиле и Перу.
Меси по мечот жестоко негодуваше на судењето и на начинот на користење на ВАР-технологијата.