Во последната декада од минатиот век Мемеди беше еден од најекспонираните македонски фудбалери. Афирмацијата ја доживеа во тогашна Слога Југомагнат, а беше големо засилување и за Силекс во европскиот куп. Играше за репрезентацијата на првиот официјален натпревар против Словенија во Крањ, во 1993 година

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (177)

Љубителите на фудбалот и ден-денес се сеќаваат и го споменуваат името на Неџмедин Мемеди. Тој израсна во една фудбалска средина, во населбата Чаир. За да биде уште појасна фудбалската слика, мора да кажеме дека тука егзистираа два силни клуба, Балкан (еден од најстарите во Македонија) и Слога, подоцна со додавката Југомагнат, која, пак, по осамостојувањето на нашата држава трипати беше македонски шампион.
Сето ова најубаво зборува зошто децата од Чаир толку многу беа приврзани и го сакаа фудбалот. Кога на ова ќе додадеме дека на истите тие чаирски улички се роди еден од најдобрите македонски фудбалери, Методија Спасовски, кој стана вардарова икона, тогаш сѐ станува јасно. Токму во една таква атмосфера, во која фудбалот беше секојдневна игра, а и тема за дискусија на чаирчани, израсна уште една голем ас на македонскиот фудбал, Неџмедин Мемеди.
Кариерата на популарниот Нечко постојано одеше во нагорна линија. Неговиот талент го откри уште во училиштето професорот по физичко Етем Омерагиќ. Подоцна, минувајќи низ рацете на познатиот фудбалски педагог Сетко Али, талентот беше надграден и Мемеди се разви во голем фудбалер, кој на млади години стана првотимец на Слога.
И не само тоа, иако најмлад на теренот, тој импресионира со својата игра и многумина за него знаеја да кажат дека е фудбалски велемајстор. Што е уште поинтересно, кога тренерите ќе ја анализираа играта на крајот од мечевите, секогаш излегуваше дека Мемеди, иако можеби некогаш не бил толку забележителен за окото на гледачите, бил најкорисниот играч во тимот. Токму тоа го одделуваше од другите, тој знаеше смирено да ја процени ситуацијата, да ги разигрува соиграчите, а кога ќе му се укажеше шанса незапирливо тргнуваше кон противничкиот гол.

ОД ЧАИР ВО МЕТАЛУРГ

Мемеди прво, како што е вообичаено, настапуваше за помладите селекции на Слога, за на 17 години, кога во клубот дојде за тренер Зоран Мишиќ, да заигра и за првата екипа.
– Бев најмлад првотимец, и тоа навистина ми годеше. Си мислев, значи вредам, имам квалитети и треба со исто темпо да продолжам. Но кога очекував уште како млад да доживеам полна афирмација, дојде до стопирање на развојот од причина што на 18 и пол години морав да заминам на отслужување на воениот рок. Сепак, и тој период помина, а кога му се вратив повторно на фудбалот, дојдов повторно во Слога, за подоцна да го облечам дресот на Металург, кој имаше амбиции да создаде еден квалитетен тим. За разлика од Слога, во Металург заиграв како фудбалер за врска по десната страна. Со Металург имав шанса да напредувам, зашто екипата се натпреваруваше во третата по ранг лига пред распадот на поранешната држава. Така, имав можност да се докажувам и да играм против тимови што во еден период од својата клупска историја беа и прволигаши. Да ги споменам Трепча, Раднички од Крагуевац, Нови Пазар, Напредак, Железничар од Ниш, Борац од Чачак, сите тие беа квалитетни и во своите редови имаа членови дури и на сениорската и на олимписката фудбалска репрезентација на Југославија. Инаку, кај металурзите налетав на една супергенерација, во која беа Боре Сетинов, Јанев, Костовски, потоа Злате Павловски, кој беше помошник-тренер. Со еден збор, тоа беше една симпатична екипа, која секогаш беше интересна за гледање – вели Мемеди.
Мемеди остана две години во Металург, сѐ до распадот на поранешна Југославија, а потоа кариерата ја продолжува во Слога Југомагнат, на чие чело беше големиот фудбалски ентузијаст Рафет Муминовиќ.

Слога Југомагнат правеше и навистина направи тим за големи дела. Фактот дека трипати беше шампион на државата, а во времето на Мемеди и двапати победник во Купот на Македонија, најубаво зборува за квалитетот на екипата.
– Се сеќавам на многу настани и натпревари од тоа време, кога беа формирани нашата лига и нашата репрезентација. Меѓутоа, би одделил четири работи. Првата е што сум задоволен со самиот себе, зашто со Слога Југомагнат освоив три титули. Втората е што во едно финале за Купот на Македонија го победивме Вардар, и тоа на пенали. Мојата радост по тоа финале беше уште поголема, зашто бев успешен реализатор на последниот пенал, кој го решаваше победникот. Третата работа е новото освојување на Купот во 2000 година под палката на Ѓоре Јовановски. Тогаш челниците на ФФМ донесоа одлука средбата, наместо на Градски во Скопје, каде што традиционално се играа завршните куп-натпревари, да се одигра против Победа, и тоа во Прилеп. Не ни беше јасно зошто е тоа така, но, сепак, мораше да се игра. И што се случи? Се разигравме, почнавме да „веземе“ по теренот, поведовме со 1-0, потоа и 2-0, потоа и 3-0, па така стигнавме до 6-0. Тоа беше голема радост за нас, зашто тоа не беше обична, туку тоа беше победа за паметење. И четвртата работа што не се заборава беа дуелите со вечниот ривал Балкан, со кој го делевме истиот стадион и на кој секојдневно секоја од екипите си тренираше на „својата“ половина. Кога ќе дојдеа тие средби, тоа беше вистински фудбалски празник, цел Чаир беше на нозе – вели Мемеди.

ПРЕСЕЛБА ВО ВАРДАР

Но работите не одат секогаш во посакуваната насока.
– Поради некои внатрешни недоразбирања и несогласувања на релацијата играч – тренер, четворица фудбалери решивме да го напуштиме Чаир и да му пристапиме на Вардар. Нашето доаѓање многу значеше за најпопуларниот македонски клуб и малку недостигаше на крајот да ѝ ја одземеме титулата на Слога Ј. Тоа не се случи, но Вардар се стабилизира. Потоа, повторно секој од нас тргна по својот пат, а јас веќе помислував на повлекување – вели тој.
Во сезоната 1995/1996 Мемеди шест месеци беше позајмен играч на Силекс, тогаш предводен од тренерот Зоран Смилевски, за да го засили тимот за настапите во Купот на победниците на куповите.
– Мора да кажам дека одигравме коректно. Во почетокот го елиминиравме Вац Самсунг, па на ред дојде средбата со Борусија од Менхенгладбах. Овој натпревар за нас беше голем предизвик. Кога стигнавме на стадионот на Борусија за тренинг, видовме на паркингот дека „порше“ е најслабата марка од сите автомобили, па и тоа како да зборуваше за величината на клубот од кој бевме елиминирани – вели тој.
Во сето време додека играше во македонските клубови, Неџмедин Мемеди беше и стандарден сениорски репрезентативец.
– Уште во свеж спомен ми е првиот официјален натпревар на репрезентацијата во Крањ, кога ги совладаме Словенците со 4-1, а јас во игра влегов во второто полувреме. Во репрезентативната кариера ја имав довербата на два селектора, Андон Дончевски и Ѓоко Хаџиевски, па редовно бев во националниот тим.

Во квалификациите за Светското првенство во 1998 година во Франција, против селекцијата на Исланд постигнав и гол, средбата заврши 1-1. Во истите квалификации имавме голема шанса да се пласираме во баражот, но ја испуштивме шансата по поразот од репрезентацијата на Литванија на нејзин терен, со 2-0. Против селекцијата на Азербејџан во 2000 година го одиграв последниот натпревар за репрезентацијата. Сепак, тоа беше едно убаво време, кога македонскиот фудбал почна да ја доживува својата афирмација на европската и на светската сцена. Јас особено бев горд што на пријателскиот натпревар на гости против Турција, каде што и денеска имам многу пријатели, бев капитен на нашиот тим – вели Мемеди, кој и денес е во фудбалот, како официјално регистриран менаџер.


НЕЏМЕДИН МЕМЕДИ

Роден: во 1966 година во Скопје
Кариера: Слога, Металург, Слога Југомагнат, Силекс, Вардар, репрезентација на Македонија
Успеси: трипати шампион на Македонија со Слога Југомагнат, освоени два Купа, учесник во европската шампионска лига со Силекс (како позајмен играч), член на сениорската репрезентација на Македонија на првиот официјален натпревар со Словенија во 1993 година во Крањ, потоа уште 32 настапи, постигнати два гола