Прославениот тренер Пеп Гвардиола не успеа со Манчестер сити да стигне до полуфиналето во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) и во четвртиот обид откако е на клупата на „граѓаните“. Англиската екипа вечерва неочекувано загуби од Лион со 1-3 во четвртфиналниот меч во Лисабон. Муса Дембеле беше двоен стрелец, погодувајќи во 77-та и во 88-та минута за францускиот клуб, за кој гол постигна и Максвел Корне во 24-та минута, додека единствениот погодок за Сити беше дело на Кевин Дебрујне во 69-та минута.
– Испаднавме. Имав чувство дека сме подготвени, но правиме грешки. Затоа испаднавме. Еден ден ќе ја надминеме таа пречка – кажа Гвардиола по мечот.
Во претходните три изданија на најелитното клупско натпреварување, Манчестер сити под водство на Гвардиола испаѓаше од Тотенхем и од Ливерпул, исто така во четврт-финалето, односно од Монако во осминафиналето. Трите последователни елиминации во четврт-финалето за Гвардиола доаѓаат по неговата успешна низа во оваа фаза од натпреварувањето, во која излезе како победник од првите седум двомеча, како тренер на Барселона и на Баерн.
Откако го презема Сити, шпанскиот стратег потроши 777,9 милиони евра на засилувања, купувајќи скапи ѕвезди како што се Родри, Ријад Марез, Бернардо Силва, Емерик Лапорт, Џон Стоунс… Но не успеа на „граѓаните“ да им го донесе посакуваниот трофеј во ЛШ, што тој го освои во два наврати како тренер на Барселона, во 2009 и во 2011 година, и еднаш како играч на Каталонците во 1992 година (во тогашниот Куп на европските шампиони).
Новиот неуспех поттикна бројни критики во медиумите и меѓу љубителите на фудбалот на социјалните мрежи, кои ги оспоруваат способностите на Гвардиола, доведувајќи ги во прашање неговата селекција на фудбалери и тактика во вечерашниот меч. Бројни навивачи на Сити, гневни поради поразот, го нарекуваат Гвардиола измамник. Тоа е истиот тренер кој многумина познавачи на фудбалот го сметаат за тактички гениј. Шпанецот, помалку изненадувачки го почна мечот против Лион во формација со тројца стопери (3-1-4-2), невообичаена за Сити, за да се врати на стандардната тактика 4-3-3 во вториот дел, при резултат 0-1.
– Овој пат нема жалби, нема оправдувања. Гвардиола повторно потфрли во ЛШ. Не може одново да посочува изненадувања или моменти. Овој неуспех е негов и на неговата кукавичка тактика. Ниту едно полуфинале за четири години е очаен резултат за најскапиот фудбалски проект – пишува Мигел Дилејни од „Индипендент“.
Познатиот спортски новинар и автор на три книги посветени на фудбалот, Муса Оквонга, го спореди Гвардиола со писател кој не успева да напише брилијантна книга по извонредното дебитантско книжевно дело.
– Кариерата на Гвардиола има чуден втор чин. Тој е како писател од светска класа чие дебитантско дело поставува стандарди, но кој не успева повторно да напише толку брилијантна книга, и покрај неколку блесоци на генијалност во текот на годините – пишува Оквонга.
Во полуфиналето на ЛШ првпат ќе има две француски екипи. Пари Сен Жермен ќе игра против Лајпциг во вторник, а Лион против Баерн в среда, во француско-германските пресметки. М.Ж.