Атлетико и Ливерпул (2-3) одиграа вистински трилер-меч, зачинет со голови, картони, со два пенала, од кои оној за Атлетико беше поништен по интервенцијата на ВАР. На осумте меча во просек имаше по 4,4 гола

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Интересни и крајно неизвесни натпревари со многу голови, дури 35 на осумте меча (4,4 по натпревар) во третата рунда во групите А, Б, Ц и Д во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. Ливерпул, Манчестер сити и Ајакс по три кола постигнаа по 11 гола или заедно речиси една третина од вкупниот број голови сезонава во ЛШ.
Вистински трилер „класика“ меч, зачинет со голови, жолти картони и еден црвен (за Антоан Гризман, кој е првиот што постигнал барем два гола и е исклучен во еден меч од ЛШ), со два пенала, од кои оној за Атлетико во финишот беше поништен по интервенцијата на системот видеопомошник-судија (ВАР). Два гола за Ливерпул постигна Мохамед Салах (искористи 18 од 20-те пенали во дресот на Ливерпул), кој влезе во клупските анали како единствен што постигнува голови на девет меча по ред во сите натпреварувања. Салах сега е и клупски рекордер според постигнатите голови во ЛШ, 31, еден повеќе од Стивен Џерард.
„Црвените“ се во серија од 21 натпревар без пораз во сите натпреварувања, а на претходните девет натпревари постигнаа 30 гола. Стартната постава на Ливерпул беше најстара по септември 1953 година, со просек од 29 години и 130 дена. Тренерот на Атлетико, Диего Симеоне, реагираше по малку неспортски по мечот, упатувајќи се кон соблекувалната без да се ракува со колегата од Ливерпул, Јирген Клоп.
– Обично не се поздравувам по натпреварот. Не ми се допаѓа тоа и мислам дека не е здраво, бидејќи секогаш ќе има некој што не е задоволен од исходот на мечот – изјави Симеоне.
Клоп, пак, рече дека на следниот меч по две недели на „Енфилд“ сигурно ќе се ракуваат.
– Неговата реакција беше како мојата кога Атлетико нѐ исфрли на „Енфилд“ во 2020 година. Тој очигледно беше лут, не на мене, туку на мечот, на светот. Тежок натпревар, каков што очекувавме – изјави Клоп.
ЛШ, трето коло: Група А: Бриж – Манчестер сити 1-5, ПСЖ – Лајпциг 3-2. Група Б: Атлетико – Ливерпул 2-3, Порто – Милан 1-0. Група Ц: Бешикташ – Спортинг 1-4, Ајакс – Борусија Д. 4-0. Група Д: Шахтар – Реал Мадрид 0-5, Интер – Шериф 3-1. Л.Д.