Во преостанатите четири натпревари од осминафиналето, утре и задутре, на дело треба да ги видиме напаѓачите, Левандовски, Суарез, Имобиле, Бензема…
ФУДБАЛ
Со преостанатите четири натпревари, утре и задутре, ќе се комплетира првата осминафинална рунда натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. На дело треба да ги видиме напаѓачите, најдобриот фудбалер лани, Роберт Левандовски од Баерн, Луис Суарез, кој блеска сезонава во Атлетико, Чиро Имобиле од Лацио, Карим Бензема од Реал Мадрид, извонредниот одбранбен играч на Манчестер сити, Рубен Дијас и многу други.
Томас Тухел, кој со ПСЖ се пласира во нокаут-фазата во ЛШ, сега е пред нов предизвик, како менаџер на Челси. Негов противник ќе биде Диего Симеоне, на клупата на Атлетико, тимот што не е поразен дома на претходните 29 европски меча. Последниот пораз дома Атлетико го претрпе токму од Челси, со 1-2, во групната фаза во сезоната 2017/2018.
Натпреварот Лацио-Баерн се нарекува и дуел меѓу двајцата голгетери, Левандовски и Имобиле. Минатата сезона Левандовски освои речиси сѐ што можеше да освои, беше најефикасен во ЛШ со 15 гола, но „златната копачка“ за најефикасен во петте најсилни европски лиги му припадна на Имобиле, кој постигна 36 гола, два повеќе од Левандовски. Сезонава во мечевите од групната фаза, Имобиле има пет, а Левандовски три гола.
Реал Мадрид, 13-кратниот европски првак, на хартија е фаворит во двомечот со Аталанта, која вторпат е во ЛШ. Но „кралевите“ се претпазливи, како поради неколкуте повредени играчи, така и поради фактот дека Аталанта го совлада Ливерпул на гости со 2-0 во групната фаза и оти лани во осминафиналето ја елиминира Валенсија.
– Знаеме со каков тим ќе си имаме работа. Јас имам максимална почит кон нив – изјави тренерот на Реал, Зинедин Зидан.
Борусија Менхенгладбах се среќава со Манчестер сити против кого не успеа да забележи ниту една победа на четирите средби во групната фаза претходниве сезони (едно реми и три порази). Но надежите на Борусија се од минатото, во сезоната 1978/79, кога го елиминираа Сити на патот кон освојување на Купот на УЕФА. Сити е во фантастична серија резултати во сите натпреварувања и од поодамна не знае за пораз.
– Нѐ очекува голем ривал, но ние со нетрпение го чекаме тој предизвик – вели тренерот на Борусија, Марко Розе.