Репрезентациите на Шпанија од 2010 година освоија 20 европски титули од можни 57, а клубовите 26 трофеи од 56, во куповите на УЕФА, сето тоа во сите категории (мажи и жени, сениори и млади, фудбал и футсал)

Шпанија убедливо доминираше во претходните 10 години на фудбалски план во Европа, со вкупно најмногу титули во репрезентативните и во клупските натпреварувања од 2010 година, објави Европската фудбалска унија (УЕФА).
Репрезентациите на Шпанија освоија 20 титули од можни 57, 11 повеќе од Германија, а трета е Франција со седум. Тука се сметаат европските првенства во сите категории мажи и жени, сениори и млади, фудбал и футсал, Лигата на нациите… Шпанија одигра и најмногу финалиња, 32 (повеќе од половината), Германија 16, Франција 12 итн.

Во машка конкуренција, Шпанија и Португалија имаат по една европска титула од европските првенства (ЕП) во оваа деценија (2012 и 2016 година), а Португалија славеше и во Лигата на нациите. На младинските ЕП Шпанија е водечка, откако освои најмногу, три шампионати за фудбалери до 21 година и, исто така, најмногу, четири до 19 години, а во категоријата до 17 години предничеше Холандија со четири трофеи (Шпанија освои една титула). Шпанија има вкупно девет европски титули во машка конкуренција.

Во женска конкуренција сениорските титули од 2010 година ги освоија Германија и Холандија, во категоријата до 19 години Франција освои три (Шпанија две), а во категоријата до 17 години Германија има пет титули (Шпанија две). Вкупно најуспешна е Германија со седум трофеи (Шпанија четири). Во футсал, пак, Шпанија освои три европски сениорски титули за мажи и една за жени, како и една младинска.

На оваа доминација се надоврза клупската. Шпанските тимови освоија 26 од можните 56 трофеи и одиграа најмногу финалиња, 37. Кај мажите Реал Мадрид е најуспешен со четири титули во Лигата на шампионите (од шпанските тимови уште и Барселона освои две), Атлетико и Севилја со по три во Лига Европа, а Реал и Атлетико со по три и Барселона со два трофеја во Суперкупот на УЕФА. Во младинската ЛШ Барселона освои две титули, колку што има и англискиот Челси. Така, вкупно во сите категории Реал е прв со седум трофеи. Во ЛШ за жени предничи францускиот Лион со шест европски титули (тимовите од Шпанија немаат ниту една), во футсал шпанските Барса и Интер, како и казахстанскиот Каират имаат по две итн.


НАЈМНОГУ ТРОФЕИ ВО ЕВРОПА од 2010 година

РЕПРЕЗЕНТАЦИИ
Шпанија 20
Германија 9
Франција 7

КЛУБОВИ
Шпанија 26
Англија 8
Франција 6
Германија 6

бројките се за сите национални тимови и клубови, мажи и жени, сениори и млади, фудбал и футсал