Модриќ ја прекина повеќегодишната доминација во изборот на ФИФА на Меси и на Роналдо, кои не дојдоа на пригодната свеченост, оправдувајќи се со презафатеност, но кои во гласањето му дадоа поени. Модриќ годинава ја доби и наградата за најдобар фудбалер на СП 2018 и за најдобар во изборот на УЕФА
Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) го избра Хрватот Лука Модриќ (33) за најдобар фудбалер на светот за сезоната 2017/2018 на свечената церемонија што се одржа во Лондон. Модриќ претходно го доби и признанието за најдобар играч на Светското првенство (СП) во Русија, на кое Хрватска беше втора, и беше прв во изборот на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Модриќ, кој доби 29,05 отсто од гласовите, ја прекина повеќегодишната доминација на Аргентинецот Лионел Меси и на Португалецот Кристијано Роналдо, кои не дојдоа на пригодната свеченост оправдувајќи се со презафатеност. Покрај Модриќ, во најтесниот круг кандидати за најдобар беа токму Роналдо (доби 19,08 насто од гласовите) и Египќанецот Мохамед Салах (11,23), напаѓачот на Ливерпул, најдобриот играч и стрелец во Премиер-лигата.
Модриќ минатата сезона одигра 56 натпревари за Реал, со кој ја освои третата титула по ред првак на Европа, и за репрезентацијата на Хрватска, со која стана светски вицешампион.
– Оваа награда не е само моја туку на сите мои соиграчи од Реал и од Хрватска. Без моите тренери и без моето семејство немаше да го добијам ова признание и немаше да бидам играч каков што сум сега – рече Модриќ.
ФИФА третпат по ред ги доделува признанијата за постигнувањата во натпреварувачката сезона, а не во календарската година. Во гласањето за категориите најдобар играч и тренер учествуваа капитените и селекторите на националните тимови, новинари и, првпат онлајн, навивачите. Сите учествуваа со по 25 отсто од вкупниот број гласови.
Третпат (од 2010-та) наградата ја добива фудбалер што не ја освоил титулата светски првак во таа година. Во 2010-та за најдобар играч беше прогласен Меси, пред сѐ поради добрите игри во Барселона, со која не беше ниту европски првак, пред, на пример, Андрес Иниеста, кој со Шпанија стана светски првак во Јужна Африка и беше стрелец на победоносниот гол во финалето против Холандија. Во 2014-та добитник на признанието беше Роналдо, во конкуренција на Меси, кој со Аргентина беше светски вицепрвак на СП во Бразил и добитник на „златната топка“ од тоа СП, и пред Мануел Ноер, голманот на светскиот првак Германија.
Потврда за ова е и тоа дека Салах го доби признанието „Ференц Пушкаш“ за гол на годината, постигнат на мечот против Евертон (1-1) во Премиер-лигата, во конкуренција, на пример, на „ножичките“ на Герет Бејл на финалниот меч во Лигата на шампионите (ЛШ), Реал – Ливерпул (3-1), и на Роналдо на мечот Јувентус – Реал (0-3). Згора, голман на годината е Белгиецот Тибо Куртоа, за освоеното трето место на СП (конкуренти му беа Французинот Уго Лорис и Данецот Каспер Шмајхел), но во најдобриот тим на голманската позиција е Шпанецот Давид де Хеа, а не Куртоа или Лорис. Во тимот на годината се: Девид де Хеа, Дани Алвес, Рафаел Варан, Серхио Рамос, Марсело, Лука Модриќ, Н’Голо Канте, Еден Азард, Лионел Меси, Килијан Мбапе и Кристијано Роналдо.
Признанието за најдобар тренер го доби селекторот на новиот светски првак Франција, Дидие Дешам, пред сонародникот Зинедин Зидан и Хрватот Златко Далиќ. За најдобра фудбалерка шести пат беше прогласена Бразилката Марта (32).