Локалните власти на Неапол најавуваат изградба на голем музеј во чест на Диего Марадона. Во италијанскиот град ќе бидат поставени и статуи, а ќе биде изграден и плоштад посветен на легендарниот фудбалер, откако во негова чест веќе беа преименувани стадионот на фудбалскиот клуб Наполи, „Сан Паоло“ и железничката станица во градот, пишува „Гардијан“.
Неколку минути откако на 25 ноември беше објавена веста за смртта на еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, двата големи мурала во градот кои го прикажуваат Марадона привлекуваат стотици туристи, посетители и навивачи секојдневно. Под нив луѓето поставуваат цвеќиња, топки, дресови на Наполи, фотографии, ѓердани и други спомени што еден ден ќе бидат изложени во музејот на стадионот, изјавија локалните власти за „Гардијан“.
– Веќе работиме на проект за украсување на просторот пред муралот во шпанскиот кварт. Едниот мурал бил насликан од уметникот Мауро Филарди во 1990 година за да го прослави вториот триумф на Наполи во Серија А. Сега имаме намера овој плоштад да го именуваме во чест на Марадона, со оглед на тоа што стотици луѓе доаѓаат овде само поради него и да му оддадат чест на великанот – рече Луиџи Фелако, шеф на Оддделот за урбан декор во Неапол.
Вториот мурал е од 2017 година и е дело на уличниот уметник Јорит. Тој се наоѓа на зградата на улицата Таверна дел Феро и на него е претставен ликот на Марадона. Двата мурала ќе бидат осветлени и ќе бидат во центарот на вниманието за време на празничната сезона.
Марадона го предводеше Наполи до две шампионски титули во Серија А и до трофејот во Купот на УЕФА, со што се стекна со голема почит во Неапол. Бидејќи многумина го почитуваат како светец, Марадона ќе добие свои статуи. Според Фелако повеќе од 14 уметници засега поднеле предлози за статуи на Марадона.
– Во моментов ги разгледуваме предлозите. Целосно сме посветени за оддавање на чест и поставување на статуите на Марадона, но размислуваме и каде да ги поставиме – рече Фелако.