Германија повторно воведе ограничувања за ковид-19, што значи намалување на бројот на навивачите на спортските настани на отворено и во затворено

ФУДБАЛ – БУНДЕС-ЛИГА

На натпреварите во Бундес-лигата викендов ќе може да присуствуваат најмногу до 50 отсто од капацитетот на стадионот, или 15.000 луѓе, откако Германија повторно воведе ограничувања за ковид-19. Канцеларката во заминување Ангела Меркел и нејзиниот наследник Олаф Шолц се договорија со лидерите на 16-те германски покраини за неколкуте мерки што се воведуваат. Тие вклучуваат намалување на навивачите на спортските настани на отворено и во затворено, во услови на зголемени случаи на инфекции со ковид-19.
Повеќето германски стадиони работеа со речиси полн капацитет сезонава. Навивачите ќе мора да носат маски, а во државите каде што бројките на заразени се високи, спортските настани мора да бидат откажани, соопшти германската влада, пишува „Би-би-си“.
Германските власти стравуваат дека четвртиот бран на ковид-19 може да ги преплави единиците за интензивна нега. Пред два дена имаше 73.000 новозаразени, со 388 смртни случаи. Претходно, премиерот на јужната покраина Баварија побара натпреварите да се играат без навивачи. Тој исто така рече дека, доколку е потребно, Баварија, од каде што е бранителот на титулата Баерн Минхен, сама ќе преземе таков чекор. Покраината Саксонија веќе воведе делумни рестриктивни мерки, што значи дека дуелот Лајпциг – Манчестер сити во Лигата на шампионите (ЛШ), на 7 декември, ќе се игра зад затворени врати.
– Привремено ограничување на бројот на навивачи на стадионите е разбирливо. Ние се надеваме дека оваа одлука на федералната влада и државите ќе доведе до подобрување на ситуацијата со пандемијата – изјави Кристијан Зајферт, извршен директор на Германската фудбалска лига (ДФЛ).