Од Светската фудбалска федерација (ФИФА) стигнуваат најави дека некои правила наскоро ќе се променат, а едно и дека ќе се укине. Станува збор за правилото според кое противнички фудбалер не смее во 16-те метри да ја пресретне топката што голманот ја уфрла во игра по гол-аутот. Според новото правило, играчите и понатаму нема да смеат да влегуваат во 16-те метри пред голманот да ја шутне топката, но штом тој ја допре топката, тие ќе можат да влегуваат во казнениот простор и евентуално да го пресечат додавањето на топката.
Ова правило веќе се тестира на Светското клупско првенство во Абу Даби, кое е во тек и на кое пред две години се тестираше и системот видеоасистент- судија (ВАР).
Ќе има и некои други промени. Фудбалерот при замената досега излегуваше кај линијата на средината од теренот, но отсега тоа ќе може да се прави и на други места, најблиску до аут-линијата, за да се спречи одолжувањето на играта и таа да продолжи што е можно побрзо.
Има предлог фудбалерот што ќе добие црвен картон да нема право на настап на следниот меч, без оглед на натпреварувањето.
Покрај овие измени, кои треба да бидат потврдени во март 2019 година, се предлагаат и жолти и црвени картони за тренерите, пеналите да се изведуваат по принципот АБ-БА-АБ-БА-АБ, во живиот ѕид да има само играчи на тимот што се брани итн.