ЛОИ официјално почнуваат в петок, но на фудбалскиот турнир ќе се игра веќе од четврток. Титулата ја брани Бразил
ФУДБАЛ
Шпанецот Педри, најдобриот млад фудбалер на неодамнешното Европско првенство (ЕП) 2020, Унаи Симон, голманот на Шпанија, Бразилецот Дани Алвес, најтрофејниот фудбалер во светот Дани Олмо, новата ѕвезда на Шпанија, Гијермо Очоа, голманот на Мексико од Светското првенство (СП) во 2018 година, кој бранеше на уште три СП, се некои од фудбалерите што треба да настапат на фудбалскиот турнир на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио.
ЛОИ официјално почнуваат в петок, но на фудбалскиот турнир ќе се игра веќе од четврток. На Игрите ќе настапат 16 репрезентации. Во групата А се Франција, Јапонија, Мексико и Јужна Африка, во групата Б ќе играат Хондурас, Нов Зеланд, Романија и Јужна Кореја, во групата Ц се Аргентина, Австралија, Египет и Шпанија, а во групата Д ќе настапат Бразил, Германија, Брегот на Слоновата Коска и Саудиска Арабија.
Според правилата, составите се со возрасна граница до 23 години (поради тоа што ЛОИ се одложени од лани поради пандемијата на коронавирусот, возрасната граница сега е 24 години), но секоја селекција може да има по тројца повозрасни фудбалери.
Од фудбалерите постари од 24 години се и, на пример, Бразилецот Алвес (меѓу другото трипати европски првак со Барселона, двапати шампион на Копа Америка…) од Сао Паоло, Очоа (тој има настап и на ЛОИ 2004) од мексиканскиот тим Америка, Шпанецот Марко Асенсио (двапати европски првак со Реал Мадрид), Французинот Флориан Товин (светски првак со Франција од 2018 година, досега во Марсеј, од следната сезона ќе игра во мексиканскиот Тигрес) итн.
Олимписката титула на минатите Игри, во Рио де Жанеиро, ја освои Бразил. На ЛОИ 2020 во иста група се Бразил и финалистот од ЛОИ 2016, Германија.
Фудбал на ЛОИ се игра од вторите Игри, во 1900 година. Од репрезентациите учеснички на ЛОИ 2020, досега олимписки титули имаат Аргентина (во 2004 година со состав во кој беа и Карлос Тевез, Хавиер Маскерано…, и во 2008 година кога играа Лионел Меси, Серхио Агуеро, Маскерано, Анхел ди Мариа…), Бразил (2016 година, кога играа Нејмар, Габриел Жезус, Маркињос, Рафиња…), Шпанија (во 1992 година кога настапија и Пеп Гвардиола, Луис Енрике…), Франција (1984 година, единствена европска репрезентација што во иста година била и олимписки и континентален првак) и Мексико (2012 година, кога играа и Џовани дос Сантос, Хектор Херера…). Најуспешни со по три олимписки злата се репрезентациите на Унгарија (1952, 1964 и 1968 година) и на Велика Британија (1900, 1908 и 1912 година).
Шпанија во Токио ќе има шестмина што играа на ЕП 2020
Олимписката репрезентација на Шпанија во составот за настап на фудбалскиот турнир на Летните олимписки игри (ЛОИ) ќе има шестмина што играа и на Европското првенство (ЕП) 2020. Тоа се голманот Унаи Симон од Атлетик Билбао, одбранбените играчи Ерик Гарсија од Барселона и Пау Торес од Вилјареал, плејмејкерот Педри од Барселона и напаѓачите Дани Олмо од Лајпциг и Микел Ојарзабал од Сосиедад. На сите шест меча на ЕП 2020 настапија Симон, Педри, Ојарзабал и Торес, Олмо играше на пет средби, Гарсија на три, а сите беа на теренот на мечот од четврт-финалето со Италија.