Во првите плејоф-мечеви одиграни викендов, Дерби каунти го совлада Фулам дома, со 1-0, а Астон Вила славеше на гости над Мидлсбро, исто така со 1-0
Во Англија вчера се играа натпреварите од последното, 38. коло од Премиер-лигата, во кое се решаваше за тоа дали Манчестер сити (му гостуваше на Саутемптон) ќе стигне до рекордните 100 бода. Потоа да се потврди Свонси како третиот тим испаднат од Лигата (покрај ВБА и Стоук) и да се потврди Ливерпул како четвртопласиран (покрај Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем), што ќе игра во Лигата на шампионите (ЛШ) следната сезона, за што му беше потребен само бод од мечот дома против Брајтон.
Но, освен завршницата во Премиер-лигата, вниманието на фудбалската јавност на Островот е насочено и кон мини-турнирот за пласман во Премиер-лигата. Вулверхемптон и Кардиф како прво и второпласирана екипа во Чемпионшип директно се пласираа во Премиер-лигата, а Фулам (третопласиран), Астон Вила (четврти), Мидлсбро (петти) и Дерби каунти (шести) ќе разигруваат меѓу себе за преостанатото трето место.
Во првите мечеви одиграни викендов, Дерби каунти го совлада Фулам дома со 1-0, а Астон Вила славеше на гости над Мидлсбро со 1-0. Реваншот Фулам – Дерби каунти се игра вечерва, а Астон Вила – Мидлсбро утревечер. Победниците од овие дуели на 26 мај, во решавачкиот дуел на Вембли, или како што уште го нарекуваат „најскапиот фудбалски меч“, ќе одлучат кој од нив ќе биде новиот премиерлигаш.
Станува збор за големи пари што ќе ги заработи тимот со играњето во повисок ранг, односно за сума што потенцијално може да достигне и до 300 милиони евра во следните три сезони. Лани, на пример, Сандерленд, иако испадна од Премиер-лигата, само од ТВ-правата доби 113 млн. евра, плус 170 млн. за следните две сезони за да се „снајде и да се приспособи“ во понизок ранг (годинава Сандерленд испадна и од Чемпионшип). За споредба, тимовите од Чемпионшип добиваат трошки во споредба со премиерлигашките.
Скај ТВ пренесува натпревари и од Чемпионшип, но за еден меч цената е 113.000, 126.000 или 158.000 евра, во зависност од денот и од термините. Тоа е далеку, многу далеку од милионските суми што ги добиваат премирлигашите за ТВ-преносите на нивните дуели.
Ваквиот систем на разигрување за пласман во повисок ранг е воведен во 1987 година, тогаш од Втората во Првата дивизија (сега Премиер лига). По традиција, финалните мечеви се играат на „Вембли“, односно во Кардиф, Велс, кога се градеше новиот „Вембли“ (капацитет од 90.000 места), и обично сите влезници се распродадени, иако во последните две години бројката на гледачи беше под 80.000. Клубовите што ќе се сретнат во финалето добиваат еднаков број влезници, по цена од 40 до 110 евра за возрасни, односно двојно помалку за децата.
Во Чемпионшип исти награда за првиот и за последниот
За разлика од Премиер-лигата, каде што пласманот на табелата одредува колку пари ќе добие клубот, во Чемпионшип сите добиваат исти премии. Тоа значи дека првакот Вулверхемптон и последниот, 24-от, Сандерленд ќе добијат истa сума пари. Основната награда изнесува 2,6 млн. евра, плус бонусите од пет милиони евра или околу осум милиони евра. Вкупните парични награди се поголеми од лани, односно за 450.000 евра повеќе.
Првакот во Првата, односно Трета лига по ранг, Бристол роверс, за пласманот во Чемпионшип ќе биде награден со 830.000, плус 765.000 евра како бонуси или вкупно 1.595.000 евра!